Објавен е трејлерот за петтата сезона на серијата The Crown на Нетфликс. Дејствието е сместено во турбулентните 90-ти и го следи почетокот на крајот на бракот на принцот Чарлс и принцезата Дијана, но нема да ја покаже нејзината смрт.
За кралското семејство, 1990-тите се опишани како „најпредизвикувачките досега“, со политички и приватни настани кои во голема мера ќе го обликуваат владеењето на кралицата Елизабета.
Во новата сезона, поради прославата на 40-годишнината од владеењето, таа се навраќа на некои историски пресвртници на кои дотогаш била сведок, како што е појавувањето на масовната телевизија. Кралицата Елизабета го доживува и распадот на Советскиот Сојуз, трансферот на суверенитетот во Хонг Конг што „сигнализира сеизмичка промена во меѓународниот поредок“ и други политички промени, додека во Велика Британија се се менува.
Што се однесува до приватниот живот на кралското семејство, петтата сезона ќе се занимава со заладените односи меѓу принцот Чарлс и принцезата Дијана, како и притисокот што Чарлс го извршил врз кралицата да не дозволи да се разведе од Дијана.
Како што се шират гласини за статусот на врската на Чарлс и Дијана, медиумите ѝ посветуваат сè поголемо внимание, па Дијана решава да го прекрши протоколот и да објави книга што ја поткопува јавната поддршка за Чарлс и ги разоткрива проблемите во Куќата на Виндзор.
Во новата сезона ќе се појават и Мохамед ал-Фајед и неговиот син Доди Фајед, кои сакаат да добијат „место на кралската маса“, според официјалниот опис на Нетфликс. Но, петтата сезона на Круната нема да ја прикаже трагичната смрт на Дијана во 1997 година, туку тој настан ќе дојде само во шестата сезона, која моментално се снима.
Третата промена на актерската екипа
Трејлерот дава прв поглед на новата екипа, со Имелда Стаунтон како кралицата Елизабета Втора, Џонатан Прајс како принцот Филип, Лесли Менвил како принцезата Маргарет, Доминик Вест како принцот Чарлс и Елизабет Дебицки како принцезата Дијана.
Во актерската екипа се и Клаудија Харисон како принцезата Ана, Оливија Вилијамс како Камила Паркер Боулс, Џони Ли Милер како Џон Мејџор, Салим До како Мохамед ал-Фајед и Калид Абдала како Доди Фајед.
Пред Имелда Стаунтон, кралицата Елизабета ја играа Клер Фој и Оливија Колман, кои и двете добија награда Еми за нивната работа.