Зоран БОЈАРОВСКИ

Стратегиското прегрупирање на политичката сцена пред изборите добива на ритам. Последната средба Ковачевски/Заев/Ахмети и онаа која што и претходеше средбата Зачевиќ и Маричиќ со претставници на партијата на Албин Курти од Косово навестува исцртување на политичките тактики на најголемите партии на социјал-демократскиот спектар во земјата.

Од другата страна, од ВМРО-ДПМНЕ не гледаме мекоја поконкретна иницијатива се заземање позиции, или барем на манифестации кои покажуваат дека оваа партија покажува некаков интерес за сојузирање со потенцијални партнери пред и за време на изборите.

Ова може да значи неколку работи. Или ВМРО-ДПМНЕ е длабоко уверено дека може да истрча сама на ризичниот терен со верба во резултатите од анкетите кои ги уверуваат дека имаат голема предност, или, што е многу поверојатно, сѐ уште немаат партнер/и со кој/и можат да подготвуваат заеднички стратегии. Третата, но не мора да биде последна, е дека сметаат на Левица, откако нивниот лидер Мицкоски во една прилика навести дека не исклучува коалиција (предизборна, изборна или постизборна) со оваа партија, иако и двете партии глумат дека се политички некомпатибилни во сите опции.

Она што е многу повеќе атрактивно за медиумската и за другата јавност е интензивното прегрупирање и иницијативи меѓу партиите на, сега засега, неформалниот Европски фронт (главно СДСМ, ДУИ и ЛДП).

Рацин.мк консултираше неколкумина искусни политички аналитичари со заднинско познавање на состојбите на темите што ги поттикнуваат средбите Ковачевски/Заев/Ахмети, како и средбата Зечевиќ/Маричиќ/партијата на Курти, но и од настаните коишто доаѓаат во наредните неколку денови како што се самитот на лидерите на Отворен Балкан, а потоа и од присуството на Џејмс О’Брајан и на високите претставници од Брисел на состанокот на лидерите од Западен Балкан, кои по втор пат во Македонија, го договараат настапот пред ЕУ за активностите и придобивките од Планот за раст на региоонот.

Важно прашање за оваа анализа е и дали сите овие активности и настани навестуваат консолидирање во редовите на Европскиот фронт и дали се најава за поконкретна и поформална стратегија за настап на изборите во смисла на заеднички претседателски кандидат, па дури и нешто повеќе.

Ѓорѓи Спасов

За поранешниот амбасадор и политички аналитичар Ѓорѓи Спасов средбата на Заев, Ковачевски и Ахмети, треба да испрати порака за смирување и обединување на политичките сили во рамките на сегашното парламентарно мнозинство пред изборите.

– Оваа средба, вели Спасов, веројатно има за цел да се отвори разговор за можно создавање на Влада на широка коалиција, секако не без ДУИ по изборите, незвисно од тоа кој ќе биде во позиција да формира влада, со цел да се стигне до потребното параламентрано мнозинство за промена на Уставот или за изнаоѓање на некое друго решение за продолжување на европските интеграции на земјата.

Во однос на средбата на Маричиќ кој е секретар за меѓународна соработка на СДСМ и на генералниот секретар на ССДСМ Зечевиќ, со функционери на Самоопределување од Косово е веројатно во функција на обезбедување соработка меѓу партии кои подржуваат социјалдемократски вредности е евроатланска ориентација во регионот.

– Такви партии во рамките на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) се должни меѓу себе да се почитуваат, подржуваат и соработуваат. А не би ме чудело средбата да е направена и со препорака од ДУИ, за да се испрати порака до Самоопределвање кого треба да подржуваат, истакнива Ѓорѓи Спасов за Рацин.мк.

Избор меѓу Запад и Исток

Спасов со разговорот за Рацин.мк вели дека „претседателските избори партии во вториот изборен круг ќе се поделат на партии што се построени Западно од политичкиот центар  кои ќе го подржат заедничкиот кандидат на СДСМ и на ДУИ и на партии Источно од политичкиот центра кои ќе го подржат кадидатот на ВМРО ДПМНЕ“.

– При таков модел на политичко обединување, големи се шансите да победи кандидат на партиите што се наоѓаат Западно од политичкиот центар незвисно од резултатите во првиот изборен круг во кој сите партии преку свои кандидати можат да си ги мерат силите и својата политичка тежина, посочува Спасов.

Тој потсетува дека ќе се повтори изборната тактика од претходните избори кога СДСМ во 2020 година излезе со заедничка листа со партијата БЕСА, и со два пратеника повеќе од ВМРО ДПМНЕ успеа да формира влада. Тие заеднички листи со БЕСА не го дискредитираа СДСМ во очите на неговите избирачи бидејќи таа е и натаму граѓанска е не чисто етничка партија.

– На следните избори СДСМ може да оди самостојно во изборните едниници 3 и 4  и во колиција со ДУИ и со Алијансата на Албанците во другите 4 изборни единици. Таа коалиција може да обезбеди доволен број мандати за формирање влада, по што ако се изнајде компромис може да и биде понудено на ВМРО ДПМНЕ да влезе во  Влада на широка коалиција со цел  да се откочи евроатланскиот процес, анализира Спасов и истакнува дека е важно „да не се води изборна кампања со пропаганда на стравот на едни од други и со плашење на народот од победата на изборите на една или на друга партија, туку да се води кампања со взаемно почитување и аргументирање на предлозите и разликите“.

Учеството на лидери на ЕУ и САД на настани и процеси во регионот за санирање на запрените евроинтеграции

За претстојните регионални активности со учество на лидери од ЕУ и САД, Спасов е на мислење дека Самитот на лидерите од Западен Балкан во Скопје ќе ја санира штетета од запирањето на процесот на евроинтеграциите со блокадите од Грција и Бугарија.

– Со помош на САД секоја од овие земји ќе биде охрабрена да ги недминува своите внатрешни слабости, да наоѓа компромис со соседите и да се одржува мирот и евроатланската ориентација на Регионот. Во услови на прилична поделеност на ЕУ, САД се свесни дека тие можат единствено да се јавуваат во улога на сериозни посредници и одржувачи на надежта за евроатланската иднина на Регионот. Инструментите и моќта со која САД располагаат за решавање на внатрешни проблеми во овие земји и на нивните меѓусебни конфликти им се добро познати на земјите од Регионот и до сега се покажуваа ефективни, нагласува амбасадорот Ѓирѓи Спасов за Рацин.мк.

Евро-американските посети на државава во претстојните денови во истиот контекст ги гледа  и политичкиот аналитичар и долгогодишен хроничар на политичките превирања во земјата и Сашо Орданоски

– Очекувам до крајот на јануари да се расчистат позициите на сите домашни и меѓународни актери за потоа да влеземе со „полна брзина“ во предизборниот натпревар, е проценката на Сашо Орданоски.

Орданоски: Средбите се за да се спречи ѓаволот да им ја однесе шегата на претстојните избори

За луцидниот проследувач на политичките тактики на македонската политичка шах табла Сашо Орданоски, „работниот наслов на средбата Ковачевски/Ахмети/Заев би можел да биде: „Ајде да расчистиме некои работи“, и тоа секој со секого од тројцата присутни, вели за Рацин.мк нашиот соговорник.

– Бидејќи веројатно разбираат дека заради начинот на кој меѓусебно политички се дриблаат во последните 5-6 месеци ги доведе во ситуација ѓаволот да им ја однесе шегата на претстојните избори, ова им е веројатно последен момент за некаква политичка и партиска суштинска коалициска мобилизација, бидејќи никој од овие тројца не е без „путер на главата“ за изборниот пораз што им се „смешка“ годинава, истакнува Орданоски.

Тој вели дека „доколку се во состојба нешто да расчистат меѓусебно – а списокот недоразбирања мора да бил долг, бидејќи разговарале цели четири часа! – тоа би можело да им го разјасни конфузниот наратив што со месеци го пласираат и во домашната јавност, а не помалку важно и кон евро-американските стратегиски сојузници на Северна Македонија“.

Со слична агенда е и посетата на Маричиќ и Зачевиќ во Приштина и средбата со претставниците на партијата Самопределување на Албин Курти.

Орданоски претпоставува дека „од прва рака“ сакале да дознаат кои се намерите на Курти, со оглед на тоа што грубото, формално мешање на „Ветвендосја“ во македонското политичко предизборно милје е преседан со опасни регионални последици, без разлика на тоа кој што мисли за овдешните партии на етничките Албанци, а најмногу за ДУИ.

– Од тоа што ми е мене познато, ниту Тирана, а ни Вашингтон и Брисел не ја поддржуваат оваа политика на Курти што, патем, барем на среден рок, му е во корист само на Белград (а и на Москва), чие општествено-политичко влијание во Македонија е диспропорционално на суштинските албанско-македонски интереси и кај нас и по прашањето на стабилноста на регионот, потенцира Орданоски.

Превземено од Рацин.мк