Според најновата студија, во светот се регистрирани 1,1 милијарда пушачи, што е највисока бројка досега.
Студија објавена во научното списание „Лансет” покажа дека само во 2019 година осум милиони луѓе починале од пушење, како и дека се зголемува бројот на пушачи меѓу младите во светот, пишува Гардијан.
Авторите на студијата сметаат дека владите треба да се фокусираат на намалување на пушењето кај младите, бидејќи 89 проценти од новите пушачи стануваат зависни од 25-годишна возраст.
– Младите луѓе се особено подложни на зависност, а епидемијата на пушење ќе продолжи и во наредните години, освен ако земјите драстично не го намалат бројот на нови пушачи, изјави шефицата на истражувачкиот тим Мариса Реицма од Институтот за здравствена метрика и проценка.
Според студијата спроведена во 204 земји, пушењето е поврзано со 1,7 милиони смртни случаи од коронарна болест, 1,6 милиони смртни случаи од хронично опструктивно белодробно воспаление, 1,3 милиони од рак на белите дробови и речиси милион смртни случаи од мозочен удар.
Претходните истражувања покажаа дека половина од долгорочните пушачи ќе починат од причини директно поврзани со пушењето и дека просечниот животен век на пушачите е за 10 години пократок од оние кои никогаш не пушеле.
Иако 182 земји ја потпишаа Конвенцијата за контрола на тутунот во 2005 година, спроведувањето на политиките за намалување на пушењето варира од земја до земја.