Австралиската полиција денеска соопшти дека запленила дрога метамфетамин, позната и како кристал-мет, вредна околу 1,1 милијарда американски долари, која била скриена меѓу мермерни плочи во неколку бродски контејнери, што е најголема заплена на наркотици во земјата.
Повеќе од 1 800 килограми метамфетамин биле пронајдени скриени во мермерни плочи во контејнери кои во последните неколку недели пристигнале од Блискиот Исток во пристаништето во Сиднеј, соопшти полицијата на Нов Јужен Велс, пренесува Ројтерс.
Во последната заплена пронајдени се нешто повеќе од илјада килограми метамфетамин, соопшти денеска полицијата, откако минатата недела биле запленети околу 750 килограми кристал-мет или „лед“, како што уште се нарекува оваа дрога.
„Способноста што ја покажа оваа криминална организација, во однос на обемот и количината, е огромна. Овие бројки се запрепастувачки“, рече претставникот на полицијата на Нов Јужен Велс, Џон Вотсон, за време на прес-конференција.