Ирска планира до септември да ги вакцинира сите свои граѓани против коронавирус доколку има доволно залихи на вакцина, рече во четвртокот министерот за здравство Стивен Донели.

„Нашата програма (за вакцинација) ја составуваме врз основа на залихата на вакцини што на секој граѓанин ќе му овозможи да се вакцинира до септември“, рече министерот во долниот дом на парламентот.

„Ова е привремен и приближен временски план“ заснован на „предвидувања“, што зависи од идните испораки на вакцини, од кои некои допрва треба да бидат одобрени од Европската унија, рече тој пред пратениците.

Ирска сè уште не објавува дневни извештаи за примената на вакцините Фајзер/Бајонтек и Модерна, досега единствените одобрени во земјата, како и во остатокот на Европската унија.

Но, Донели рече дека 94.000 луѓе ја примиле првата доза на вакцина во неделата. Според него, Ирска е на „добар пат“ до крајот на неделата да вакцинира 140.000 жители.

Најновите официјални податоци покажуваат дека Ирска, со пет милиони жители, има 2.768 смртни случаи од ковид-19.

Во првите два бранови на пандемијата имала мал број заразени и починати, Ирска неодамна достигна највисока стапка на инфекција по жител, покажуваат новите податоци на универзитетот во Оксфорд.

Во такви околности, ирската влада одлучи да воведе трет карантин што ќе трае најмалку до крајот на јануари и за време на кој нема да работат продавници што не продаваат храна, барови, ресторани и училишта.