Лидерот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, во интервју за ТВ Шења и за порталот zoom.mk тврди дека ВМРО ДПМНЕ има нејасна визија за европската иднина на Северна Македонија и го повикува лидерот Христијан Мицкоски да биде искрен и да каже што ќе биде со земјата ако годинава не почне преговори со ЕУ поради нивното противење за внесување на Бугарите во преамбулата на Уставот.

Таравари вели дека не го разбира негативниот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон уставните измени кога режимот на Путин на секој начин се обидува да предизвикува конфликти во Балканот со цел да го дефокусира Западот од војната во Украина.

„Не ми е јасно, го прават намерно или се наивни. Република Српска бара одвојување од Босна, Вучиќ бара заедница на српски општини во Косово, а во Црна гора има малцинска влада. Не знам зошто се натпреваруваат со Левица, кој ќе има поекстремни реторика предизвикувајќи крајна поларизација невидена досега. Изгледа ВМРО-ДПМНЕ повеќе калкулира со зголемување на рејтингот отколку што мисли за доброто на граѓаните и земјата. “, оценува во интервјуто Таравари зборувајќи за односите со македонската опозиција.

Ако биде загрозена европската перспектива за Северна Македонија, тој предупредува на радикализација и на албанските партии.

„Може да пораснат фрустрации и кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во зачарен круг од кој нема излез“, смета Таравари.

Според него, постои опасност да се репризира ситуацијата од 2008 година кога Северна Македонија не влезе во НАТО иако имала подобар предлог за името, Република Македонија (Скопје), само за надворешна употреба.

Зборувајќи за односите со ВМРО-ДПМНЕ Таравари објаснува дека до заладување на односите дошло поради нивната реторика против усвојување на преговарачката рамка со ЕУ.

zoom.mk