За прв пат, вкупниот број на невработени жени го надминува вкупниот број на невработени мажи. Повеќе од 25.000 жени ја изгубија работата од почетокот на пандемијата. Невработеноста кај жените е поголема кај оние кои се на најработоспособна возраст, помеѓу 25 и 54 години, вели во интервјуто за „Женски печат“ Жаклина Гештаковска Алексовска, специјалистка за родова еднаквост при Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).

Сметате ли дека пандемијата ја засили нерамноправноста меѓу половите?

„Имаме само 6 градоначалнички од вкупно 81 општина. Само 4 министерки од вкупно 20 членови на владата. Онаму каде што има квоти, како број на советнички или број на пратенички, таму има застапеност на жени, но во извршната власт ги нема доволно.“

– За жал, да. Пандемијата ги извади на површина сите нееднаквости, а жените се најпогодени од оваа рецесија предизвикана од пандемијата. Може да кажеме дека жените се најмногу застапени во првите борбени редови против пандемијата, а тие и повеќе страдаат од оваа социјално-економска криза. Секторите кои беа негативно погодени со кризата, на пр. производство, туризам, текстил, како и основните дејности во време на пандемија: здравството и социјалната заштита, имаат 78% вработени жени, жените се најбројни во аптеки, продавници и супермаркети, финансиско-услужни дејности, одржување на хигиена и др., а со тоа и најизложени на заразата.

Дополнително, откако се затворија градинките и училиштата, тоа доведе до значаен пораст на времето поминато во грижа, домашни обврски и помагање во школските обврски на децата, кои и пред кризата доминантно ги извршуваа жените. Сето тоа влијаеше на зголемување на неплатена работа која жените ја извршуваат во текот на пандемијата, додека истовремено се посветени на извршување на работните обврски и задачи. Најпогодени беа еднородителските семејства кои 98% се жени.

Студијата за социо-економските ефекти покажа еден многу загрижувачки факт, дека секоја шеста жена – или уште поточно 15 од 100 жени – работи неформално. Да се биде исклучена од пазарот на трудот подразбира економска несигурност и голема ранливост во време на економска криза.

Студијата за социоекономските ефекти на ковид-19, која ја изработи Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), покажа дека оваа криза имаше силно влијание на сигурноста, социо-економската и здравствената положба на жените, особено на најранливите, како што се жените со низок социо-економски статус, жените со попреченост, жените во подоцнежна возраст, вдовици, самохрани мајки, жртви на насилство, како и други ранливи групи на жени.

Како кај нас жените се соочуваат со пандемијата, дали е зголемена опасноста од загуба на работното место, дали е зголемено семејното насилство, анксиозноста и депресијата?

– За прв пат, вкупниот број на невработени жени го надминува вкупниот број на невработени мажи. Повеќе од 25.000 жени ја изгубија работата од почетокот на пандемијата. Невработеноста кај жените е поголема кај оние кои се на најработоспособна возраст, помеѓу 25 и 54 години. Студијата за социо-економските ефекти покажа еден многу загрижувачки факт, дека секоја шеста жена – или уште поточно 15 од 100 жени – работи неформално. Процентот на неформално вработени жени во вкупниот број вработени жени е највисоко кај возрасната група 65 + години (86,2%). Да се биде исклучена од пазарот на трудот подразбира економска несигурност и голема ранливост во време на економска криза.

Мажите го сочинуваат мнозинството од работодавците (78 %) и вработените на сопствена сметка (82 %). Жените пак се мнозинство во секторите образование, здравство, социјална заштита, но и во преработувачката индустрија како што е текстилната индустрија каде што платите се пониски од просечната плата во земјата.

Жените во Македонија извршуваат 72,5 % од неплатената работа во домот и грижата за децата, како и за возрасните и лицата на кои им е потребна нега и поддршка што значајно влијае на нивните можности и преостанато време за извршување на платена работа, кариерен развој или пак поголемо учество во јавниот живот, волонтерски или други активности. За жал, владините мерки за справување со ефектите од пандемијата не се однесуваат на неплатените семејни работници во земјоделството, кои се најмногу жени, ниту за неформалните работнички.

За време на пандемијата, жените не само што се економски ранливи, туку и почесто стануваат жртви.  Изолацијата со насилникот го зголеми ризикот од семејно насилство. Постои поголема инциденца на семејно насилство и психолошки страдања од насилни врски. Затоа, во време на пандемија и ограничено движење, ја направивме мобилната апликација Биди безбедна.

Што значи апликацијата „Биди безбедна“, со каква цел е направена и кој и како може да ја користи?

– Биди безбедна e мобилна апликација за сите паметни телефони, преку која може да побарате помош ако сте жртва на насилство и каде можете да најдете информации за сите права и услуги кои се на располагање на жртвите.

Наменета е за сите жени, девојки, деца, секоја од нас која можеби и не ни замислувала дека некогаш ќе се најде во ситуација да биде жртва на насилство. За нашите пријателки, роднини, за организациите кои се грижат за жртвите.

Може да ја преземете ако ја побарате на google play store за сите мобилни телефони.

Може да одберете да ја користите на македонски, албански или ромски јазик.

УНДП ја изработи апликацијата на барање и во тесна соработка со Министерството за труд и социјална политика. Во процесот учествуваа Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство и над 15 здруженија на граѓани кои даваат услуги на жртвите на родово базирано насилство.

Преку апликацијата можете: да побарате помош од СОС линијата за помош на жртви, да се информирате за организациите кои даваат помош, да се запознаете со своите права, да се поврзете директно со веб-страниците на организациите за бесплатна правна помош, психосоцијална поддршка, поддршка при вработување, да дознаете каде има засолниште за жртви, да бидете слушната и да дознаете кои се вашите права.

Апликацијата има:

Црвено копче – ако притиснете и задржите 1 секунда може да пратите СМС порака за помош до СОС линијата

Портокалово копче – може да пратите порака на личност или организација на која ѝ верувате, по сопствен избор.

Важни контакти – ги содржи најважните контакти на институции и организации на кои може да се обратите. Со притиснување на бројот, апликацијата автоматски ќе упати повик.

Моите права – овде се наведени некои од основните права со кои треба да бидете запознаени.

Совети – овде се наоѓаат совети кои на секое лице може да му помогнат да се заштити од насилство, за себе и своите деца доколку ги има.

Видови насилство – тука можете да дознаете какви видови насилство има, бидејќи за да го спречите треба да знаете да го препознаете.

Лични сведоштва – содржи кратки лични изјави на жртви на насилство.

Како да се поттикнат жените поактивно да учествуваат во политичкиот живот и да бидат дел од одлучувачките политики?

– Состојбата е следна: имаме само 6 градоначалнички од вкупно 81 општина. Само 4 министерки од вкупно 20 членови на владата. Онаму каде што има квоти, како број на советнички или број на пратенички, таму има застапеност на жени, но во извршната власт ги нема доволно.

Еден од факторите е начинот на кој сите ние гледаме на жените во јавниот живот. Вие сте еден од ретките медиуми кои не се фокусираат на изгледот, фризурата, облеката, чантите или семејниот статус на девојките и жените во јавниот живот. Жените не ги прашуваат за политичката платформа, туку ги критикуваат за начинот на кој изгледаат. Ова е уште поизразено во помалите средини. Свесно или несвесно, медиумите го потенцираат физичкиот изглед и како вредности се промовираат атрактивноста и скандалозноста, а не успехот во професијата, науката, спортот. Ова како резултат носи ниска самодоверба на девојчињата и сѐ почести пореметувања во исхраната.

. Студијата за социо-економските ефекти покажа еден многу загрижувачки факт, дека секоја шеста жена – или уште поточно 15 од 100 жени – работи неформално.

Говорот на омраза на социјалните мрежи е една од главните причини кои ги обесхрабруваат жените политички да се активираат и да бидат кандидатки за политички функции. На говорот на омраза мора и може да се застане најжестоко, а ова е особено важно да се измени во пресрет на следните локални избори, бидејќи има потреба од подобрување и поголема вклученост на жените во процесите на донесување на одлуки.

УНДП многу работи на оваа област со поддршка на Швајцарската, Шведската амбасада, Европската Унија и проектите за локалната самоуправа, преку кои имав привилегија да запознаам многу жени лидерки. Им се восхитувам на истрајноста да продолжат да работат наспроти ветрот, за да можат мојата и вашата ќерка да ги имаат за пример.

Какви се перспективите на жените од помалите средини во вклучување во јавниот живот и во политиката?

– Перспективите се понекогаш скриени во секојдневните успеси на жените и поддршката која ја добиваат од околината. Една од темите за кои разговараме е како да го забрзаме процесот на промени и поголема еднаквост во најмалите средини, а тоа се прави и со подобрување на условите за живот на жените од руралните средини, подобрување на услугите како на пример згрижување на деца и грижа за повозрасните членови на семејството, вклученост на лицата со попреченост и слично. УНДП заедно со МТСП работи на нови услуги за грижа, кои ќе овозможат олеснување на работата, која во најголем број случаи ја извршуваат жените.

Каде се наоѓа Македонија во глобални рамки во заштитата на правата на жената?

– Нашиот најголем напредок е потпишувањето и ратификацијата на Истанбулската конвенција, која дава рамка за спроведување на обврските во поглед на заштита на правата и тука има извесен напредок, но сѐ уште голем број обврски кои треба да работиме за да ги исполниме. УНДП соработува со Владата и сите Министерства, како и со граѓанскиот сектор, а родовата еднаквост е интегрирана и силно поддржана во секоја од нашите програми и активности. Можам да истакнам дека Програматa за одржлив локален развој и децентрализација 2021 – 2026 г., изработена со поддршка на УНДП и која во целост ги интегрира начелата за унапредување на родовата еднаквост на локално ниво, а во процес е изготвување на Националната стратегија за развој за следните 30 години, каде што преку учество на граѓанките и граѓаните ќе обезбедиме нивниот глас да биде дел од планирањето на заедничката иднина.

И уште една тема која можеме во некоја друга прилика заеднички да ја отвориме, е ублажување на негативното влијание на климатските промени, особено за жените.

Има повеќе индикатори според кои може да се следи и споредува состојбата на родовата еднквост во регионални, европски и глобални рамки и ова како процес е важно. Обединетите нации го следат напредокот преку Индексот за родова еднаквост каде што нашата земја е на 37-то место од 162 земји.

Најнов е Индексот на родова еднаквост во рамките на земјите на Европската Унија, каде што иако по најголемиот број на индикатори заостануваме зад просекот на ЕУ, а најмногу во економската позиција на жените, особено пристап до финансиски ресурси. Друга категорија каде што најмногу заостануваме е времето поминато во домашни обврски, кое пак не ѝ дозволува на жената да се активира на пазарот на труд или во јавниот живот. Клучот е споделувањето на семејните и домашните обврски. Заедничкото родителство од самото раѓање, поттикнувањето на татковците да земаат родителско отсуство и да бидат вклучени во одгледувањето на децата има придобивки за сите: и за децата и за татковците и за мајките. Тоа е на индивидуално ниво, а во поглед на општествените текови потребно е поголемо вклучување на девојките и жените во процесите на донесување одлуки.