Токму онака како што ја замислува современата Македонка, таква е и самата Шукарова. Искрена, едноставна, суптилна. Женствена. Со убави манири. Со внатрешен баланс. Полна со емпатија.

Современиот танц еволуира и денес кај нас има посветени експерти од полето, кои придонесуваат за развојот на оваа танцова форма. фото Кире Галевски

Името Искра Шукарова за многумина е синоним за авангарда во современиот танц. Зад себе има богата кариера како истакнат солист при Македонската опера и балет, како кореографка, а во последната декада и како педагог. Од мај минатата година е редовен професор при ФМУ. Специјализирала современ танц на Националниот конзерваториум „Супериор“ (1993 г.) во Лион, Франција, а ги завршила магистерските студии во „Лабан центар“ во Лондон, Велика Британија (2002 г.). Вели дека многупати имала дилема дали да ја продолжи својата кариера надвор од Македонија, но одлучила да остане тука, сметајќи дека кај нас има потреба за развој на современата танцова форма. Едноставно си зела одговорност да ја развие оваа форма, и очигледно тоа ѝ успеа. Во слободно време ужива да шета на кејот крај Вардар или во парк со нејзините две вдомени кученца, Кара и Астра.

Остана активна за време на пандемијата, се случи создавањето на два студентски танц филма, кои беа презентирани како дел од онлајнпрограмата на КСП Центар – Јадро, од каде таа убава огромна енергија?

– За време на пандемијата наставата при Факултетот за музичка уметност при УКИМ, катедра за Балетска педагогија, современ танц, продолжи онлајн и мораше да се прилагодаме на новата состојба, која беше голем предизвик. Предметите што ги предавам се од областа на современиот танц, кој подразбира практични вежби. Соочена со новата ситуација како професор, важно беше да се даде насока и наставата да тече. Предизвик беше како да се примени танцовата практика како дел од редовните онлајн-часови, бидејќи студентите ја пратеа наставата од дома во лимитиран простор, а сепак требаа да ги прикажат вежбите што ги работевме.

Со студентите зборувавме за реалноста и ситуацијата, која нè фрустрираше сите взаемно. Одлучивме да најдеме стимул во ограничувањата и да работиме со композициските алатки што ни беа на располагање, основани на методите на Рудолф фон Лабан (Шукарова во Лондон ги заврши постдипломските студии во „Лабан центарот“, каде што се изучуваат методи на танцовиот теоретичар Лабан. н.з). Така се посветивме детално на изучување на танцовата теорија според Лабан, каде што се изучуваат факторите на време, простор и динамика. Ја користевме основната технологијата со која располагаа студентите, а тоа беа нивните мобилни телефони со кои снимаа материјали. Исто така беше важен аспектот на подобрување на комуникацијата во новата ситуација и дигитилазијата. Со студентите од четврта година одлучивме дипломската да биде во форма на танц филм и работевме интензивно на тоа нивните идеи да добијат соодветен конечен формат. Интересно е што и темите што тие ги обработуваат се дел од битисувањето во ограничен простор за време на пандемијата, копнежот по природата и сплотувањето со неа. Финалниот резултат беше многу интересен и како нивен ментор сум мошне задоволна, бидејќи нема поубаво нешто од тоа да видиш студент кој прикажува дипломска работа, особено во вакво тешко време. Верувам дека секогаш може да се искаже творечкиот порив и дека дури некогаш кризните моменти нѐ стимулираат да се соочиме со слабостите и да најдеме начин да се изразиме. Се трудам на студентите да им пренесам дека комопозициските алатки служат да се дефинира движењето и секако им предлагам да се повикаат на повеќе медиуми, фокусирајќи се на интердисциплинарни пристапи во изведувачките уметности, каде што влегува и современиот танц.

КСП „Центар-Јадро“ имаше онлајн-програма за случувања од уметноста во време на пандемијата. Бидејќи со студентите од нашата програма немавме можност да ги прикажеме нивните дела на сцена, сепак успеавме финалната дипломска работа да ја прикажеме на платформата на КСП „Центар – Јадро“.

На самиот крај од минатата година, во Детскиот театарски центар се случи и премиерата на претставата „Зошто сум тука“, на која работеше како кореограф. За оние кои ја пропуштиле оваа магија, ајде накусо да им ја доближиме. Како помина, каква порака донесе?

– Се израдував кога режисерот Срѓан Јанаќијевиќ ме повика да работиме заедно на претставата „Зошто сум тука“, по текст на Констанс Орбек Нилсен.

Со Срѓан во 2019 година работевме на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. И овојпат за оваа претстава се најдовме со слични гледишта во однос на движењата, текстот и воопшто севкупниот визуелен дизајн на претставата. Претставата за деца на албански јазик „Зошто сум тука“ почна од една приказна во сликовница, која имаше повеќе слики отколку текст. За нас беше предизвик да се вообличи претставата на основа на сликите. Сетно беше патувањето на двата лика низ претставата, кои пловат во мало чамче, барајќи ја смислата на нивното постоење во суровиот свет.

Со Срѓан успеавме да пренесеме до младата публика и еколошка порака, бидејќи навистина сме дојдени до конечен стадиум каде што веќе е и доцна да делуваме, но имаме одговорност да ја пренесуваме таа порака на младите. За мене искуството да работам повторно во театар после цела година беше голема возбуда. За жал, нешто што беше секојдневие стана далечно искуство. Почувствував колку ми недостасува работата на сцена со луѓе и ми се врати насмевката на лицето, особено кога на секоја проба ги гледав актерите и нивната желба да играат. Работата на сцена на крајот на оваа година беше најголемата награда за мене.

Актерите Блерим Дардишта и Амар Шапка, потоа сценографот Енес Деари и продуцентот Бајруш Мјаку, како дел од екипата секој ден со голем ентузијазам работеа кон реализација на изведбата, која се случи на 19 декември минатата година, во Детскиот театарски центар (премиерата се реализираше со сите запазени проротоколи во однос на пандемијата, н.з). Конечно за мене реакциите на публиката, детската смеа и на крај аплаузот најмногу ме израдуваа, отворајќи повторно надеж за убави нешта во театарот.

Кога сме веќе кај „Зошто сум тука“, преку игра на зборови – зошто си ти тука? Што те врзува за Македонија?

Многупати сум имала дилема дали да останам надвор. Сепак одлучив да останам во нашата земја, бидејќи едноставно сметав дека кај нас има потреба за развој на современата танцова форма, која во 1993 година беше во зародиш. Се осврнувам кон периодот кога се вратив од Франција, после мојата специјализација во полето на современиот танц, и ете почувствував дека треба да го споделам моето искуство и знаење со нашите колеги. Едноставно си земав одговорност да ја развивам оваа форма кај нас. Во исто време во тој период бев истакнат солист во Македонскатa oпера и балет и играв во редовниот репертоар, каде што подоцна бев и уметнички директор во периодот од 2002 до 2004 година. Во времето кога специјализирав современ танц немаше интернет и никаква информација за современиот танц кај нас, освен некои гостувања на трупи и кореографи од странство, кои поставуваа репертоар од модерниот балет.

Современиот танц еволуира и денес кај нас има посветени експерти од полето, кои придонесуваат за развојот на оваа танцова форма. Може да се каже дека веќе има и нови генерации едуцирани студенти и млади автори, кои поминале и поминуваат низ соодветно образование што потоа можат да го пренесат на идни генерации. ФМУ-УКИМ и катедрата за балетска педагогија извади на вистински пат повеќе кадри кои се спремни да пренесат адекватно знаење во полето на современиот танц кај нас.

Можеби е време кога треба да научиме повеќе да слушаме и да се трудиме да го најдеме како модус на живеење еквилибриумот – внатрешниот баланс. Да ја почувствуваме потребата на другиот. Да останеме женствени и да се сакаме себеси такви какви што сме, со сите наши несовршености.

Како ја замислуваш современата Македонка?

– Ја ценам искреноста, едноставноста и суптилноста кај жената. Пред сè манирите и доброто воспитување. Насмевката и убавиот збор многу значат.

Сметам дека е важен стасот и држењето на жената. Сè може да биде искомуницирано во вистински момент и на вистински начин. Можеби е време кога треба да научиме повеќе да слушаме и да се трудиме да го најдеме како модус на живеење еквилибриумот – внатрешниот баланс. Да ја почувствуваме потребата на другиот. Да останеме женствени и да се сакаме себеси такви какви што сме, со сите наши несовршености.

Што им порачуваш секогаш на своите студенти?

– На студентите им порачувам да продолжат да го работат она што го сакаат и притоа да останат свои. Програмата на студиите за балетска педагогија при ФМУ-УКИМ им дава можност на студентите да се пронајдат себеси како идни педагози во класичниот балет или во современиот танц. Во мај минатата година бев избрана како редовен професор при ФМУ и она што можам да го кажам како некој кој е присутен на катедрата од нејзиниот зачеток е дека студентите за современ танц доаѓаат со искуства од латино танци, хип-хоп, модерни танци. Зборот ми е дека програмата за современ танц е отворена и за кандидати кои не учеле во средното балетско училиште МБУЦ „Илија Николовски – Луј“. На тој начин тие млади луѓе го продолжуваат академскиот степен, надоградувајќи се во високо едуцирани танцови педагози. Како професор кој предава современа танцова пракса, им посочувам дека е важно да го најдат својот интерес и педагошки пристап, земајќи го предвид и нивното претходно танцово искуство. Како нивен ментор и професор ги насочувам да се стремат кон надоградување на знаењето и фузија на повеќето танцови насоки, кои тие би ги дефинирале понатаму во сопствен стил. Од голема важност е изучувањето на теоретските аспекти во изведувачката уметност, која во склад со практиката ги подготвува идните кадри во образовниот систем кај нас. Со еден збор, студентите ги охрабрувам да го најдат својот глас како солидни индивидуи, а потоа и како професионалци, пренесувајќи го стекнатото знаење. Исто така, сметам дека образовниот систем се соочува со реформи кои треба спремно да ги дочекаме и да ги имплементираме во иднина.

Те нервира ли зборот феминизам, дали и зошто ни е потребен?

– За да дадам свое толкување на важноста на феминизмот, ќе се повикам на делата и работата на кореографката Пина Бауш, која е една од многуте кореографи кои се занимаваат со таа тема како еден сегмент од нејзината работа. Преку работата на Бауш се одбележува важна ера во историјата на современиот танц, попрецизно во насоката на танц театарот. Една од основните теми на Бауш е насочена кон жената, која е прикажана како социјално битие сретнувајќи се со ограничувањата во системот и позицијата на жената во него. Таа ја толкува моќта на жената, која произлегува од личната природа на Бауш, пред сè како жена и кореограф која интензивно твори и го истакнува женското прашање во осумдесеттите и деведесеттите години во минатиот век. Не само Бауш, туку и многу други автори во модерниот и современиот танц го прикажуваат женскиот аспект преку танцовата лексика. Би ја истакнала исто така и канадската кореографка Мари Шуинард, чија работа е окарактеризирана како перформанс арт, потенцирајќи ја моќта на жената. Шуинард ги дефинира до детаљ аспектите на женското тело и присутната машкост во него, кршејќи ги стереотипите наметнати од страна на системот. Преку работата на веќе споменатите автори, но и на ред други, танцовата уметност влијае во однос на еманципацијата на женското тело кршејќи ги наметнатите стереотипи.

Се радувам што успеав да вдомам неколку кученца, кои беа оставени без милост.

Што најмногу те радува во последно време?

– Гледам да поминам што повеќе време во природа. Ме радува кога се шетам покрај Вардар или во парк со моите другарчиња Кара и Астра, кои се вдомени кученца. За време на изолацијата и пандемијата можам со сигурност да кажам дека животните се тука само да ни помогнат нам луѓето. Ни праќаат пораки секојдневно, комуницираат со нас луѓето, а сепак до нас е дали и како ќе ги увидиме и проследиме тие сигнали. Среќна сум кога општам со нив. Се радувам што успеав да вдомам неколку кученца кои беа оставени без милост.

Сакам да вежбам јога и да се посветам на мојата секојдневна рутина, испитувајќи нови движења. Размислувам за нешто што би сакала да го прикажам како дел од мојата кореографска пракса. Истражувам нов движечки вокабулар и би сакала некој ден да го прикажам и споделам тоа со публиката.