Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, има за цел зајакнување на деловниот сектор во Република Северна Македонија, создавање поволна околина во три сектори кои се идентификувани како сектори со потенцијал за развој: Одржлив агробизнис, Активен туризам и Информатичка и комуникациска технологија (ИКТ).

За идеите, моменталните активности и плановите за делување на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, разговараме со директорот на ИМЕ-програмата, Горан Дамовски.

Агротим: Што нуди Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ? Кои се нејзините цели и кон кои сектори е насочена поддршката?

Горан Дамовски: Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост -ИМЕ, има за цел зајакнување на деловниот сектор во Република Северна Македонија. Нашата мисија е да создадеме поволна околина во три сектори кои се идентификувани како сектори со потенцијал за развој: одржлив агробизнис, активен туризам и информатичка и комуникациска технологија (ИКТ).

Нашата цел е да ги прошириме пазарите и да ја зајакнеме конкурентноста кај домашните чинители во овие три сектори, да катализираме севкупно подобрување на квалитетот на производите и услугите и да создадеме одржливи работни места за висококвалификуваниот кадар во државава, особено за жени и млади.

Агротим: Дали сте задоволни од тоа како се развива ИМЕ Програмата изминативе години? Дали успевате да ги исполните целите кои ги има поставено проектот?

Дамовски: И покрај предизвиците во секторите поради Ковид-19 и енергетската криза, досега ИМЕ постигна забележителни резултати. Како резултат на активностите реализирани преку ИМЕ Програмата, во последните три години, креирани се околу 1.290 нови работни места во трите сектори. Околу 140 компании воведоа нови технологии и стандарди во своето работење, а на пазарот понудија нови и унапредени производи и услуги. Имено, во тесна соработка со компаниите се работеше на развој на нови производи и услуги, подобрување на продуктивноста и оптимизација на ресурсите со цел зголемена конкурентност, дигитализација, обезбедување на најсоодветен пристап до финансии, воведување на потребните стандарди, а многу компании ги поврзавме со нови потенцијални клиенти и пазари. Следствено е забележано постепено зголемување на продажбата на компаниите и тоа за околу 10% во просек на годишно ниво. Соработуваме и придонесуваме во градењето на услугите на многу бизнис сервис организации и зајакнување на целокупниот екосистем на услуги за развој на бизнисите.

Во насока на подобрување на вработливоста на младите, поврзување со приватниот сектор и поттикнување на инклузивни практики поддржавме развој на неколку напредни програми за управување со човечки ресурси во компаниите кои се верификуваа во Центарот за образование на возрасни. Активно соработуваме со факултетите во надградба на програмите за практиканство, поврзување и активна примена на науката во бизнисот.

Наша крајна цел е сите интервенции да придонесат за побрз развој на компаниите и креирање нови вработувања, како и промени на бизнис климата и процесите во секторите кои ќе бидат оддржливи на долг рок и по завршувањето на поддршката од ИМЕ Програмата.

Агротим: Кои проекти во областа на агросекторот ги има работено ИМЕ Програмата и какви резултати имате постигнато досега?

Дамовски: Во последните три години, преку различните инструменти на ИМЕ Програмата се овозможи поддршка на над 80 компании од агросекторот во насока на зајакнување на договорното производство и поврзување на производителите со преработувачките капацитети, унапредување на нивната производствена технологија, пласирање на нови производи, нивно поврзување со дистрибутерите и пристап до домашниот и странскиот пазар. Преку консултантски услуги, повеќе од 40% од компаниите обезбедија полесен пристап до изворите на финансирање потребни за реализирање на планираните инвестиции.

Органското производство е уште еден сегмент во агросекторот на кој се фокусираме. Имајќи ја предвид сѐ поголемата загриженост на потрошувачите за здрава храна и континуираниот раст на побарувачка за органски производи на глобално ниво, ИМЕ Програмата обезбеди финансиска, техничка и стручна поддршка на повеќе производители на огрански производи, и нивно поврзување со пазарите. Воедно, на 18 компании од агросекторот им се помогна во процесот на добивање на сертификати за органско производство и сертификати за европските стандарди, и со тоа им се овозможи пласирање на нивните производи на домашниот и странскиот пазар. Посебен акцент беше ставен на малите производители во процесот на унапредување на финалните производи со додадена вредност и нивна продажба. Во соработка со ФИТР, се реализираше проектот „Стартап херои” во чии рамки микро и мали домашни производители ги претворија своите иновативните идеа во атрактивни производи кои беа позиционирани на полиците во маркетите на ТИНЕКС. Дополнително работиме на поддршка на заеднички пристап на повеќе од 15 домашни преработувачи на овошје и зеленчук на регионалните пазари.

Како резултат на сите наши активности во агросекторот, од 2019 година до денес, поддржаните компании забележаа раст и креираа околу 640 нови работни места, повеќето од нив за млади луѓе до 29 години и жени.

Агротим: На кој начин доаѓате до информации што треба да поддржите, како процес, мерки, законски измени или нови закони? Дали имате контакти со земјоделски здруженија, асоцијации и задруги?

Дамовски: Нашето повеќегодишно искуство во следење на заедничката земјоделска политика на Европската Унија ни дава поширока слика да утврдиме кои се приоритетите на агросекторот во процесот на усогласување со ЕУ, па на иницијатива на бизнис секторот, а секако во директна соработка со надлежните институции да работиме на поддршка на процесот на изработка на закони, подзаконски акти и предлог мерки за поддршка.

Покрај редовните состаноци и отворените повици кои нудат можност за иницирање на активности за развој на бизнис секторот и организациите за поддршка, во текот на целата година сме во контакт и проактивно ја следиме работата на земјоделските здруженија, асоцијации и задруги во агросекторот. Кога секторот ќе идентификува секторски проблеми кои засегаат поголем број чинители и се однесуваат на регулаторната рамка, утврдуваме можности за заедничка соработка во насока на зајакнување на капацитетот за лобирање, детална анализа на состојбите, координација со надлежните институции, експертска поддршка во дефинирање на предлог решенија и законски измени.

Како пример би ја посочил поддршката на малите бизниси и Slow Food во изработка на Правилникот за продажба од куќен праг за производи од растително потекло, а потоа и поддршката на работната група на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во процесот на подготовка на Програма за поддршка на производи од куќен праг, со што се отвори можност за малите преработувачи на производи од растително потекло и малите винарии да се регистрираат како оператори од мал обем и да започнат продажба од куќен праг. Во 2023 година ќе работиме на интензивна промоција на програмата и менторска поддршка на малите бизниси во процесот на регистрација како оператори од мал обем и ефикасно искористување на финансиските средства од програмата, како и нивно поврзување со пазарот

Агротим: Може ли да најавите какви повици и за која целна група ќе има набрзо?

Дамовски: Во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој и ИНОФЕИТ ДИХ, деновиве објавивме повик „Со дигитална трансформација до иновација”. Повикот е наменет за мали и средни претпријатија од земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор, со цел да се овозможи зголемување на иновативноста и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење. Истовремено, предизвикот има за цел да овозможи јакнење на капацитетите на дигиталните иновациски хабови како дел од екосистемот неопходен за понатамошна дигитална трансформација.

Континуирано прибираме идеи, работиме на терен и отворени сме заедно со компаниите, коморите, асоцијациите на производители и преработувачи, надлежните институции од секторите што ги поддржуваме да развиваме концепти за активности кои ќе обезбедат нова додадена вредност и раст на компаниите но ќе имаат и накаков поширок општествен бенефит. Спремни сме да поддржиме проекти во кои преку коинвестирање со компаниите ќе се решат одредени проблеми, ќе се овозможи користење на напредна технологија, ќе се зајакнат синџирите на добавување, ќе се дојде до директен пристап до пазарите. Нашата поддршка е континуирана, ги следиме и поддржуваме партнерите во нивниот развој и градење на нивните капацитети. Посебно потенцираме дека сите проекти мора да се во согласност со стандардите за заштита на луѓето и животната средина и целосна безбедност на производите и услугите.

Агротим: Дали и каква соработка има ИМЕ Програмата со институциите и Владата?

Дамовски: ИМЕ Програмата е во координација и има потпишано моморандуми за соработка со сите релевантни министерства, агенции и други институции во секторите кои ги поддржува. Со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соработката опфаќа поддршка на работната група за изработка на нов Закон за органско земјоделско производство кој е во финална фаза и е усогласен со најновата директива на Европската Унија за органско производство. Во 2023 година ИМЕ Програмата ќе ја поддржи изработката на Националната листа за дозволени инпути во органското производство, која ќе помогне на производителите во пристапот на информации за дозволените ѓубрива и препарати за заштита во органско производство, а воедно ќе даде можност на странските купувачи да се уверат во веродостојноста на дозволените средства за заштита кои се во согласност со оние во Европската Унија.

Во рамките на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2021 година на Министерството за економија, ја поддржавме реализацијата на мерката за поддршка и развој на микро и мали претпријатија, како и мерката за финансиска поддршка за женско претприемништво. Со секторот за туризам при Министертвото имаме континуирана координација и соработка во спроведување на протоколи за безбеден туризам, а во моментов развиваме активност за унапредување и дигитализација на процесот за категоризација на сместувачките капацитети со што ќе се унапредат условите за престој на туристи во руралните региони, а со тоа и побрз развој на активен и агротуризам.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е наш постојан партнер. Промоцијата игра важна улога во привлекување на туристи кај нас, па оттаму низ годиниве помогнавме во изработка на видеа кои ја промовираат С.Македонија на Lonely Planet, регионите во С.Македонија преку серија видеа под мотото Дома си е дома, иновативни VR (virtual reality) видеа за туристичката понуда, итн.

Како што веќе напоменав, со Фондот за иновации и технолошки развој досега успешно реализиравме неколку проекти, а соработката ќе продолжи и во 2023-та.

Агротим: Какви планови и активности ве очекуваат во новата 2023 година. На што ќе биде ставен фокусот и вашиот ангажман?

Дамовски: Во агробизнисот ќе продолжиме со поддршка на малите производители и преработувачи, преку унапредување и развој на нови производи, подобро бизнис планирање, подобар маркетинг, користење дигитални алатки и е-трговија со цел да бидат конкурентни и да можат профитабилно да продаваат. Поголемите извозни компании ќе продолжиме да ги поврзуваме со водечките европски увозници и дистрибутерски мрежи и да ги поддржуваме во исполнување на највисоките стандарди за снабдување на европските ланци на супермаркети. Ќе работиме на целосно усогласување на регулативата за органско производство со европската и воведување на неопходните регистри со цел непречен извоз на домашните органски производи на европскиот пазар. Фокус ќе биде и дигитализација во агробизнисот без која компаниите нема да можат да се носат со претстојните предизвици. Ќе се работи и со малите винарии на развој на винскиот и агротуризмот.

Превземено од агротим.мк