Годишната инфлација во Турција достигна ново ниво од 83,45 отсто во септември, покажаа денеска официјалните податоци, бидејќи растечките цени на суровините продолжуваат да ги погодуваат домаќинствата кои веќе се притиснати од високите трошоци за енергија, храна и домување.
Турскиот институт за статистика објави дека потрошувачките цени во септември се зголемени за 3,08 отсто во однос на претходниот месец, пренесува агенцијата Асошиејтед Прес (АП).
Највисок годишен пораст на цените е забележан во транспортниот сектор од 117,66 отсто, а потоа следуваат цените на храната и безалкохолните пијалаци кои според статистиката пораснале за 93 отсто.
Економските експерти тврдат дека инфлацијата е многу повисока од официјалната статистика, а независна група за истражување на потрошувачките цени денеска процени дека годишната стапка на инфлација е 186,27 отсто.
Турската централна банка повторно ја намали референтната каматна стапка минатиот месец, намалувајќи ја на 12 отсто и покрај растот на цените, падот на лирата и нерамнотежата на тековната сметка. Лирата изгуби повеќе од 50 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар откако централната банка почна да ја намалува основната каматна стапка кон крајот на минатата година, додаде АП.