Вечерва ќе се одигра првото полуфинале. Од 20 часот, на Лусаил Ајконик стадионот во Лусаил ќе играат Хрватска и Аргентина. Светската фудбалска јавност погледите ќе ги насочи кон лидерите на двете репрезентации, ветераните Лука Модриќ и Лионел Меси.

Advertisements

„Коцкестите“ на Модриќ ќе се обидидат да го повторат резултатот од последното Светско првенство во Русија кога го играа финалето. Пред четири години во групната фаза ги победија Аргентинците со 3:0. Од друга страна, Меси е во мисија да го освои својот прв Мундијал и да замине во репрезентативна пензија. Победникот од мечот во финалето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу актуелниот шампион Франција и сензацијата на турнирот Мароко.

Хрватска и Аргентина досега играле пет пати. Првиот дуел го имаа во 1994 година на пријателски натпревар кој заврши без голови. Потоа, на Светското првенство во Франција во 1998 година, Аргентина победи благодарение на голот на Маурицио Пинеда.

Следеа два пријателски натпревари – во 2006 година, на дебито на Лука Модриќ за Хрватска, Хрватска победи со 3:2 со головите на Иван Класниќ, Дарио Срна и Дарио Шимиќ. Карлос Тевез погоди за Аргентина, а првиот гол за „гаучосите“ го постигна и Лионел Меси.

Осум години подоцна во Англија, Аргентина оствари нова победа 2:1. Анас Шарбини погоди за Хрватска, а Аргентина победи со головите на Кристијан Ансалди и Лео Меси. Последната средба беше на Светското првенство во Русија. Хрватска победи со 3:0 во групната фаза со головите на Ребиќ, Модриќ и Ракитиќ.