Селекцијата на Хрватска вчера доживеа изненадувачки пораз од Аргентина од 23:19, но уште поголем шок предизвика одлуката на селекторот на „коцкестите“ Лино Червар, да си поднесе оставка и да се повлече по завршување на Мундијалот.

Овој потег на Червар наиде на осуда кај поранешните хрватски ркаометари кои сметаат дека вакво нешто не може да се случува кај поранешен светски и олимписки шампион.

– Тајмингот со оставката на Червар е тотално промашување. Презема одговорност и мислам дека од тренерски аспект тоа е нормално. Но, да се поднесе оставка во моменти кога се уште сме живи и иако не зависиме од самите себе – можеме да одиме понатаму. Што ако дојдеме до полуфинале, финале? Мислам дека Лино последниот што треба да го напушти бродот кој се уште не е потонат, а не првиот. Знам дека е „жежок“ но мораше да биде попаметен – изјави поранешниот капитен на Хрватска, Петар Метличиќ.

– Лино е нашиот најголем тренер, но сега направи голема грешка бидејќи досега не сум видел тренер да даде оставка иако првенството се уште се игра. Не е тоа што го очекувавме, но се уште не сме испаднати – смета Горан Шпрем.

Разочаран од потегот на Червар е и легендарниот крилен играч, Мирза Џомба.
– Натпреварот почна, а играчите се однесуваа како да се на загревање, немаше игра, кој стигнеше си земаше шут. Како да беше некоја ревијална средба, а не битка за четвртфинале на СП. Освен Пешиќ и Чупиќ, останатите не одиграа ништо, а со двајца ракометари не можеш да ја победиш Аргентина. И потоа… шокот со оставката на Червар. Тоа не се прави така, беше баш грдо. Оставивме лош печат, испаднавме тотални аматери, си го уништивме реномето што го градевме со години – рече Џомба.