Микрокината, кај нас сè уште еден егзотичен феномен, се сериозна и перспективна алтернатива и иднината на прикажувањето (независни) филмови. Овие мали некомерцијални простори пружаат ново искуство и можности за гледачите, а поради поедноставните оперативни трошоци можат да го пополнат недостигот на класичните кино-сали.

Повеќе од една година сме соочени со пандемијата и затворање на сите простори за култура (некои и трајно), но во голем дел од светот токму микрокината беа првите кои се отворија за публиката пред сè поради ограничениот капацитет, добро се позиционирани и имаат широка поддршка од локалните заедници. И во периодот кога физички беа затворени се свртеа кон стриминзи, издавање публикации, драјв-ин проекции… Финансиски се пофлексибилни и не се врзани со буџетскиот опсег на традиционалните институции.

Берлин / Германија / EPA-EFE/FELIPE TRUEBAСамата филозофија на микрокината е „Do It Yourself“ – „Направи сам“ и не секогаш се врзуваат за една физичка локација, па така киното може секоја недела да се гради одново во кафулиња, ноќни клубови, подруми, покриви на згради, па дури и поранешни цркви (како во Хјустон), овозможувајќи им на гледачите чувство на интимност и споделување на филмското искуство во неформални дружења. И што е најважно, голем дел од нив се главната алка во дистрибуцијата на остварувања кои можеби никогаш не би биле прикажани пред публика.

Европа има долгогодишна традиција на кино-клубови и уметнички салони. Во еден турбулентен период на преминот во 20 век, во подрумскиот салон на „Гранд кафе“ во Париз браќата Лимиер првпат јавно ги прикажуваат своите кратки филмови. Токму од кино-клубовите кои во дваесеттите години се прошируваат низ Париз. Анри Ланглуа ја формира Француската кинотека, а оттука се создава плодно тло во филмската критика (преку магазинот „Каје дe Синема“) и филмското творештво (со францускиот Нов бран). Сепак, САД, поточно Сан Франциско, е местото од каде започнува приказната на микрокината. Почетоците се во шеесеттите години со андерграунд движењето кога низ клубовите и општествените центри почнуваат да се прикажуваат аматерски, алтернативни и експериментални филмови.

epa-efe
Картагена, Колумбија / EPA-EFE/RICARDO MALDONADO ROZO

Самиот термин „микрокино“ го даваат Дејвид Шерман и Ребека Бартен во 1991 година, кустоси и сопственици на „Total Mobile Home Microcinema“ кое го покренуваат во подрумот на својата зграда во Сан Франциско. Ова кино имало само 30 седишта, а влезницата чинела 3 долари. Главно се прикажувале нискобуџетни кратки и документарни филмови, а интересно е што во првата година многу често се прикажувале германски филмови – кратките остварувања на Александер Клуге, Рајнер В. Фасбиндер и Вернер Херцог на 16 мм, кои дотогаш не биле достапни во Сан Франциско.

Терминот е флексибилен: се користи за опишување на широк спектар на локални андерграунд простори, културни центри, галерии и кина, каде се прикажуваат непознати или популарни филмски наслови и интимна атмосфера која потсетува на нечија дневна соба. Исто така, микрокино подразбира и нискобуџетни остварувања снимени на (релативно) евтини формати како Hi-8, DV или 16 мм.

Меѓу најпопуларните микрокина низ светот се „Спектакл“ во Бруклин, „Filmhuis Cavia“ во Амстердам, „Лос Отрос“ во Манила, „Толди“ во Будимпешта, „Батофар“ – киното на брод во Париз, додека лондонскиот филмски колектив „Exploding Cinema“ станува клучен агент во ренесансата на независниот филм во Велика Британија со проекции низ целата метропола – во стари фабрики, паркинзи, музеи, циркуски шатори, отворени базени…

pexels

Што се однесува до Скопје, не сметајќи ги салата во Кинотеката на Македонија и малото гледалиште во МКЦ, како и дебатниот филмски клуб „Лале“ кои се дел од јавни институции, единствен простор кој најмногу одговара на дефиницијата за микрокино засега е кафулето „Котур“ во центарот на градот, инаку поранешен објект на „Македонија филм“. Од неговото отворање до предпандемичниот период, во „Котур“ секоја недела се одржуваа проекции на, во најголем дел домашни филмови и разговори со филмаџии, како и дел од програмите на фестивалот „Македокс“. Некои можеби уште го паметат џебното кино „Манаки“ сместено на мансардата од киното „Култура“…

Пандемијата со короната ги измести и нашите навики и плановите на дистрибутерите. Дали огромните синеплекс сали ќе доживеат колапс а гледачите ќе се ориентираат кон поинтимни простори. Веројатно да, до некој нов технолошки бум. Ќе имаме спектакли, но дали ќе има филмови!?