Косовскиот премиер Авдулах Хоти вели дека Косово досега постигнало договори за набавка на речиси два милиони вакцини против Ковид-19 и дека првите количини ќе пристигнат во месец февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција Хоти информира дека 535 илјади вакцини се обезбедени со договорот со команијата „Фајзер“, 600 илјади со Австрија и уште 720 илјади со програмата Ковакс.

Здравствениот персонал и лицата над 65-годишна возраст ќе бидат првите кои ќе се вакцинираат, а се планира дневно да се имунизираат по околу 20 илјади граѓани.

– Направена е голема работа за изготвување стратегија за имунизација, при што се дефинирани приоритетите на вакцинирањето, кое ќе се врши според тоа како ќе ни пристигнуваат количините на вакцини… Стратегијата ги предвидува во детали дејствијата на здравствените институции за да се создадат потребните капацитети за вакцинирање, изјави Хоти.

Тој го оцени како добра вест опаѓањето на бројот на заразени од коронавирусот последните денови, но рече дека актуелните мерки за спречување на ширењето на пандемијата остануваат во сила.

– Овие мерки остануваат во сила и натаму, а знаеме дека истите се преземени како модел и од други држави, рече Хоти.

Директорот на Националнот институт за јавно здравство на Косово, Насер Рамадани, изјави дека меѓу приоритетните категории на лица за вакцинирање, освен здравствените работници и повозрасните, се и лицата од критичните групи со хронични заболувања, лицата со посебни потреби, лицата кои се грижат за стари и болни, вработените во училиштата, полицијата и војската.

Рамадани информира дека секое вакцинирано лице ќе биде снабдено со картон за имунизација.