Холандската влада денес објави дека нема да има олеснување на мерките и дека ноќниот полициски час и другите ограничувања ќе останат на сила најмалку до 28 април.

Владата претходно објави дека размислува да го прекине полицискиот час на 21 април и да им дозволи на баровите и рестораните да ги пречекуваат гостите на отворено, пренесува Танјуг.

Но, портпарол на владата за новинската агенција АНП изјави дека ќе го одложи олеснувањето на мерките за најмалку една недела.

„Прерано е“, рече портпаролот.

Тој одби да даде други детали, додавајќи дека премиерот Марк Руте ќе ја објасни одлуката на владината прес-конференција на „Ковид-19“ закажана за во вторник.

Холандските здравствени власти денес пријавија 8.218 нови случаи на коронавирус во текот на изминатите 24 часа, што е најголемо дневно зголемување за повеќе од две недели. Според податоците, во холандските единици за интензивна нега во моментов има 788 пациенти со ковид-19.

Неколку болници и научници се изјаснија против раното олеснување на мерките за заклучување, велејќи дека врвот на третиот бран сè уште не поминал.