Холандските пратеници побараа од владата на Марк Руте да стави вето на пристапувањето на Романија и Бугарија во Шенген, бидејќи тие сакаат да го анализираат функционирањето на владеењето на правото и намалувањето на корупцијата и организираниот криминал во двете земји, објави Romania Journal.

Во одлуката, усвоена од холандскиот парламент, се наведува дека распространетоста на овие прашања во шенген-земја „може да предизвика сериозни проблеми за функционирањето на граничната контрола на засегнатата земја и затоа претставува ризик за безбедноста на Холандија и целата Шенген зона“.

Во моментов, бидејќи Хрватска е на пат да се приклучи кон Шенген зоната, единствените земји-членки на ЕУ кои остануваат надвор од зоната се Бугарија, Романија, Кипар и Ирска.

Шенген зоната вклучува држави кои не се членки на ЕУ, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

Во изјава пред бугарските новинари по неговото пристигнување на Советот на ЕУ утринава, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека Софија и Букурешт станале заложници на внатрешната холандска политика.

Оваа ситуација сепак нема да трае долго, рече тој. „Најважно е што сите земји ја поддржуваат Бугарија“, додаде Радев, споменувајќи ги разговорите што ги имал со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и голем број други лидери на шенгенските држави.

„Холандија сега е сама“, рече тој.

Извор: Еуроактив