Турските власти на чело со претседателот на земјата Реџеп Таип Ердоган сè поагресивно се справуваат со неистомислениците и политичките противници пред изборите, користејќи цензура и затворски казни, објави денеска организацијата Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch), јавуваат агенциите.
Претседателските и парламентарните избори се закажани најдоцна за средината на јуни, оваа година, но според Ердоган тие би можеле да се одржат и порано. Анкетите покажуваат дека тој и неговата партија АКП би можеле да ги изгубат изборите по 20 години поминати на власт.
Во својот годишен извештај, групата за човекови права ХРВ рече дека властите користат закони за цензура на социјалните медиуми и дезинформации за да ги замолчат независните медиуми, опозицијата и воопшто критичарите на власта на Ердоган.
„Владата спроведува многу остра и навредлива политика против политичката опозиција, целосно забранува јавни протести, ги затвора и ги гони бранителите на човековите права и оние за кои смета дека се критичари, а судовите постапуваат по политички наредби“, вели Хју Вилијамсон, директор на ХРВ за Европа и Централна Азија, се наведува во извештајот.
Дирекцијата за комуникации на турската влада досега не се огласи со коментар на наводите во извештајот, наведуваат светските новински агенции.
Како еден од поочигледните примери за вкавиот однос на турските власти кон опозицијата и неистомислениците, се наведува случајот со градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу кого судот минатиот месец го осуди на две години и седум месеци затвор и му забрани да учестува во политиката под обвинение за навреда на јавни службеници во 2019 година.