„Гугл“ продолжува да се бори против апликациите за Андроид кои ги нарушуваат правилата за приватност. Компанијата овојпат отстрани девет програми од својата интернет-продавница „Плеј стор“.

Нивните аналитичари откриле дека некои популарни апликации „краделе“ податоци за пристап на корисниците на социјалните мрежи, а меѓу нив се и „Дневниот хороскоп“ (Horoscope Daily) и „Чистачот на ѓубре“ (Rubbish Cleaner). Овие апликации имаат милиони преземања.

Апликациите ги измамиле корисниците со прикажување на вистинската страница за најавување на Фејсбук и потоа преку JavaScript и „колачиња“, се вршеле злоупотреби. Во секој од случаите, целта била Фејсбук.

„Гугл“ ги отстрани тие апликации, но ги забрани и сите други коишто им припаѓаат на спорните програмери. (МИА)