Вториот највисок суд во Европската унија со големо мнозинство ја потврди рекордната казна против Гугл поради оперативниот систем за мобилни телефони Андроид. Во својата денешна одлука, Општиот суд на Европскиот суд на правдата ја потврди одлуката од 2018 година на извршната комисија на ЕУ за наметнување парична казна против Гугл, но ја намали на 4,1 милијарди евра од 4,34 милијарди евра. Во својата првична одлука, Комисијата соопшти дека практиките на Гугл ја ограничуваат конкуренцијата и го намалуваат изборот на потрошувачите.
„Општиот суд во голема мера ја потврдува одлуката на Комисијата дека Гугл воведе незаконски ограничувања на производителите на мобилни уреди со Андроид и операторите на мобилните мрежи со цел да ја консолидира доминантната позиција на својот пребарувач“, оценува судот. Пресудата ја намали казната за 5 насто поради техничко несогласување во една точка. Гугл соопшти дека е „разочаран“ од одлуката на судот на ЕУ. Казната е една од трите антимонополски казни во вкупна вредност од над 8 милијарди долари со кои Европската комисија го погоди Гугл во периодот од 2017 до 2019 година. Страните можат да се жалат за правни прашања до Судот на правдата на ЕУ, највисокиот европски суд.