Изборите се тест за демократската зрелост. Не смее да се употребуваат државни ресурси во партиски цели во текот на изборната кампања. Функционерите и избраните и именуваните лица треба да се придржуваат до Етичкиот кодекс и да прават разлика меѓу партиските и државните активности, вели вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

– Во насока на тоа да нема повторување на она што се случувало во минатото испратив отворено писмо до сите субјекти, без разлика на кое ниво на власт се, да ги потсетам за обврските што ги имаат дека треба да прават разлика меѓу партиските и државните активности и дека не смее да се употребуваат државни ресурси за партиски цели во текот на кампањата. Како лице задолжено за следење на Етичкиот кодекс за избрани и именувани функционери од страна на Владата досега и како Кабинет сме постапувале по сите наоди што сме ги добиле без разлика дали се од медиумите или од ДКСК, како и од граѓани, меѓутоа се надевам дека сите тие постапки што сме ги имале и опомените што сме ги дале ќе бидат предупредување за останатите за тоа како и на каков начин треба да се однесуваат во овој период, изјави Грковска по презентацијата на ефектите од Информацискиот систем Е-инспектор.

Во однос на тоа до кога функционерите ќе се појавуваат на промотивни настани, вицепремиерката вели дека се што е во законската рамка е дозволено заради тоа што, вели, станува збор за дел од секојдневните обврски на функционерите, но по отпочнување на кампањата, важат строги правила за тоа.

– Кога ќе почне официјално кампањата веќе се знаат строгите правила на игра и кој, како и за што смее да се појавува и што треба да презентира и што да користи од ресурси, подвлекува Грковска.

Прашана дали смета дека има оправданост во разликата меѓу просечната плата и платата што ја земаат функционерите, Грковска наведува дека платите треба да ги следат условите на живеење и оти се надева дека законското решение поднесено од СДСМ со кое се предвидува намалување на вредноста на коефицинетот за пресметка на платите на функционерите и избраните и именуваните лица е согласно Уставот.

– Она што сега е предложено како решение од страна на пратениците на СДСМ, убедени сме дека после сите консултации, претставува уставна рамка, дека нема да се доведеме во ситуација повторно Уставниот суд доколку се донесе решението, да го укине заради тоа што, повторно ќе кажам, сметам дека е некоректно толкава голема разлика без оглед на ингеренциите и одговорностите што ги имаме, имајќи ги предвид условите во коишто живееме, потенцира вицепремиерката Грковска.