Од Грција за Албанија денеска заминаа 20.000 вакцини Астра Зенека, соопштија, преку социјалните мрежи, од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Додаваат дека заедно со Министерството за надворешни работи на Грција промовираат споделување на вакцини „бидејќи во борбата со Ковид-19 заедно сме посилни“.

На почетокот на месецов, портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, потврди дека Грција, во координација со Европската Комисија, ќе испрати по 20.000 дози од вакцините за Северна Македонија и Албанија, откако претходно, министерот за здравство Венко Филипче откри дека Северна Македонија очекува 70.000 дози од вакцините, од кои 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција.