Експертите за меѓународна политика Дејвид Филипс и Даниел Сервер не веруваат дека сите пет земји од Европската унија, кои не ја признаваат независноста на Косово, ќе ја сменат својата позиција, но тие наведуваат дека Грција најверојатно ќе ја смени својата одлука, пренесуваат албански медиуми.

Филипс и Сервер се согласуваат дека треба да се почека крајот на дијалогот меѓу Белград и Приштина за да се види позицијата на земјите на ЕУ за статусот на Косово.

– Грција најверојатно ќе го признае Косово. Ѕидот изграден од петте држави кои не го признаваат Косово наскоро ќе биде срушен откако Грција или која било друга земја ќе ја промени својата одлука. Во „Агендата 2014“, Грција предложи продлабочување на евро-атлантските интеграции на сите земји од Западен Балкан. Иако се надевам дека Грција ќе го смени ставот за Косово, не можеме да ги игнорираме нејзините блиски врски со српската држава, која силно ја поддржува за влез во Европската унија – рече Филипс.

Професорот Даниел Сервер смета дека има минимални шанси земјите кои не го признале Косово да ја сменат својата позиција.

– Промената на позицијата на Грција се чини можна во однос на другите четири земји. Договорот за конечен статус меѓу Белград и Приштина мора да донесе признавање од петте земји кои не го признаваат Косово, но не гледам дека тоа ќе се случи наскоро – рече Сервер.

Известувачот на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, исто така, тврди дека позицијата на петте земји што не ја признаа земјата ќе се промени кога ќе заврши процесот на дијалог.

– Секаков вид на сеопфатен и обврзувачки договор меѓу Белград и Приштина ќе ги принуди да ја сменат својата позиција. Секако, би сакала нивниот став да се промени порано, но тоа веројатно нема да се случи. Од друга страна, постои разлика помеѓу оние земји кои сè уште можат да соработуваат со Косово и оние земји на кои им е тешко да работат со Косово поради прашања на внатрешната политика – вели Крамон.

Земјите-членки на ЕУ кои не ја признаа државата Косово се Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија.