Турската Влада денеска ја обвини грчката војска за вознемирување на турски истражувачки брод во Егејското Море и оцени дека Атина мора да одговори на наводното заплашување.

Државната агенција Анадолија објави дека четири грчки борбени авиони Ф-16 прелетале над бродот „ТЦГ Чешме“ јужно од грчкиот остров Лемнос, а еден од авионите испуштил сигнална ракета на 3,7 километри од бродот.

Во извештајот на турската агенција се додава дека турската армија возвратила, но не објасни на кој начин, ниту кога се случил инцидентот.

– Тоа беше акт на вознемирување, што честопати го прават нашите грчки соседи. Ние одговоривме на нив на адекватен начин, во согласност со правилата, рече турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.

Досега Грција не го коментираше настанот.

Турција го испрати бродот „ТЦГ Чешме“ во меѓународните води на Егејот за да остане таму до 2 март за да изврши хидрографско истражување, а Грција го нарече овој чин провокација.