Градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ одржа прес-конференција откако во тој град беа пронајдени 31 киднапирано дете, јавува Дневник.хр. Тој за новинарите изјави дека куќата во која биле пронајдени ја открил социјален работник кој додека работел на терен пронашол девојче (12) кое побегнало оттаму.
Тој додаде дека постоењето на куќа во која се скриени 31 дете е само по себе крајно страшно, особено ако се потврдат сомнежите за мотивот што обвинителството и локалната полиција го истражуваат. Милиќ на прес-конференцијата рече дека за пронаоѓањето на децата синоќа дознал од вработен во социјалната служба, по што за тоа го известил и обвинителството.
„Полицијата и обвинителството веднаш се вклучија во истрагата и децата веднаш беа преместени на друга локација, каде што исто така им беше укажана лекарска помош. Понатамошната истрага ќе покаже која е вистинската позадина и мотив на овој случај“, истакна тој. Според написите, се смета дека децата се жртви на кривичното дело трговија со луѓе.
„Во рамки на досегашните активности, приведени се три лица поради основано сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запоставување или злоупотреба на деца. Истрагата за наведениот настан е во тек“, соопшти претходно денеска полицијата.
Милиќ истакна дека полицијата многу сериозно пристапува кон истрагата и излегува во јавноста само кога информацијата е проверена, а со тоа ги штити правата на децата.
„Она што загрижува е прашањето колку време ова се случуваше во нашето маало без никој да обрати внимание“, рече градоначалникот.