Објавен е ажурираниот список на кој граѓаните можат да проверат дали се наоѓаат на листата за добивање на финансиска помош од Владата. Станува збор за помош од 6.000 денари, што следи во согласност со четвртиот пакет-мерки за справување со последиците од ковид-19.
За да дознаат дали се опфатени со најновиот сет мерки граѓаните можат да проверат на страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk со внесување на матичниот број. На страницата се посочува дека дополнително ќе бидат објавени листите за филмските работници, естрадни уметници и самохраните родители.
Финансиската поддршка е наменета за граѓани со низок доход, а од Владата посочуваат дека помошта на загрозените категории граѓани нема да оди преку платежни картички туку директно на нивните трансакциски сметки и нема да биде временски ограничена до 25 декември како што беше најавено претходно.
Ова следуваше по притисокот од јавноста дека поради доцнењето на мерката на граѓаните им остануваат помалу од десет дена да ги потрошат парите. Имињата на оние кој добиле по 6.000 денари требаше да бидат објавени на страницата на kupuvamdomasno.gov.mk уште пред една недела, што предизвика низа прашања кај граѓаните зошто доцни исплатата, дали воопшто ќе ги добијат парите и дали на овој начин намерно им се скратува времето за нивно користење.
Министерот за економија Крешник Бектеши на последната прес-конференција потврди дека нема рокови за тоа до кога граѓаните ќе може да ја потрошат финансиската помош обезбедена со четвртиот сет мерки на Владата, која треба да им биде исплатена на сметките.
-Првично беше одредено дека до 25 декември треба да се потроши државната помош која ја додели Владата за различни категории граѓани, за што презентиравме во неколку наврати, но ние веќе донесовме одлука дека нема да има рок. Ние сме убедени дека во текот на оваа недела сите граѓани што се во тие категории ќе ја добијат нивната државна помош откако ќе завршат сите процедури во Министерството за финансии, УЈП и со банките каде што тие ги имаат жиро-сметките. Значи, нема рокови, граѓаните ќе ги добијат тие средства и ќе можат да ги користат тогаш кога ќе бидат најпотребни за нив, рече Бектеши.
Со пакетот помош, по 6.000 денари се опфатени пасивните баратели на работа, пензионерите со месечни пензии до 15.000 денари, корисниците на право на социјална сигурност на стари лица, млади од 16 до 29 години кои не добија пари со претходната мерка, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, естрадните уметници, филмските работници.
Се проценува дека со мерката за која се издвоени 27 милиони евра, ќе биде обезбедена помош за околу 300.000 граѓани за пазарење домашни производи.