Во текот на првите неколку дена од 1709 година, температурата нагло опадна – што не е невообичаено за европска зима. Но, во 1709 година тоа не беше обична зима.

Кога утрото осамна на 6 јануари, континентот беше замрзнат од Скандинавија до Италија и од Англија до Русија и не се загреваше во следните три месеци. За време на најлошата зима во последните 500 години, имаше и недостиг на храна, што покрај екстремниот студ беше причина за стотици илјади смртни случаи само во Франција. Англискиот научник Вилијам Дерам напишал: „Верувам дека мразот е поголем од кој било што луѓето го паметат“.

Зимата 1709 година во Франција

Најпогодена земја од страшниот студ несомнено беше Франција. Претходната година им завршила лошо, а не започнала подобро ниту 1709 година. Француските селани имаа лоша жетва, беа оптоварени со даноци и регрутирање за Војната за шпанското наследство. Студените денови започнале уште во 1708 година, но тие не биле ништо во споредба со она што се случило ноќта помеѓу 5 и 6 јануари.

Бидејќи во тоа време немало временска прогноза, никој не можел да се подготви за она што станало познато како Ле Гранд Хивер. Илјадници луѓе умреле од хипотермија, а илјадници грла говеда замрзнале во шталите.

Реките, каналите и пристаништата замрзнале, а снегот ги беше блокирал патиштата низ Франција. Во пристаништето Марсеј на брегот на Средоземното Море и на различни точки покрај реките Рона и Гарона мразот можел да ја издржи тежината на натоварените вагони, што значи дека бил дебел околу 27 сантиметри. Во градовите каде што намирниците престанале да доаѓаат поради непроодност, очајните жители биле принудени да го запалат целиот мебел за да се загреат.

Ниту богатите, кои имале залихи од храна и пијалоци, немале корист од нив бидејќи намирниците им замрзнале до степен на неупотребливост. Во течна состојба останале само алкохолните пијалаци како вотка, виски и рум. Зимата ги држеше и богатите и сиромашните во ледена контрола. Во Версај, војвотката од Орлеанс, снаа на кралот Луј XIV, му напишала на еден братучед во Хановер: „Седам покрај запален оган, имам бел параван пред вратата и едвај го држам перото. Никогаш во животот не сум видел ваква зима која го замрзнува виното во шишињата“.

Голема зима

Многу досега невидени ефекти од студот се забележани низ остатокот од Европа. Бројни сведоци забележале како наглиот пад на температурата ги направил навидум цврстите предмети кршливи. Дрвјата се скршеле со запрепастувачки звук на крцкање, како и црковните ѕвона.

Во Лондон, „Големиот мраз“, како што стана познат, ја замрзна Темза. Слична судбина доживеаја и каналите и пристаништето во Амстердам. Балтичкото море било под мраз четири месеци, а има написи дека патниците го поминувале пеш или на коњ. Замрзнале речиси сите реки на северот и во централниот дел на Европа. Дури и топлите извори на Ахен во денешна Германија. Тешко натоварени вагони се влечеле низ езерата во Швајцарија, а волците влегувале во селата барајќи нешто да јадат – најчесто се задоволувале со телата на настраданите од студот.

Во Јадранот, бродовите останале заробени во мразот, а нивните екипажи починале од премрзнатост и глад. Во Венеција наместо гондоли се користеле лизгалки за движење низ градот. Рим и Фиренца биле целосно отсечени поради обилните снежни врнежи. Во Шпанија замрзнала реката Ебро, а дури и во топлата Валенсија студот ги уништил маслинките.

Зимата имаше последици и за политиката. Борбите меѓу Франција и Велика Британија во војната за шпанското наследство беа одложени додека не се загрее Европа. И историчарите сметаат дека победата на Петар Велики над Шведска во битката кај Полтава во јуни 1709 година е одлучувачки момент во трансформацијата на Русија во регионална сила. Петар делумно можеше да се заблагодари на ослабената шведска армија за неговата победа, чии многу војници загинаа поради студените зимски температури.

Пролет

Сепак, студот беше само првиот во низата неволји што ја зафатија Европа таа година. Температурите останаа ненормално ниски до средината на април, а кога конечно се стопија, снегот и мразот донесоа поплави.

Болестите биле присутни во текот на целата година. Во Рим избувнала епидемија на грип кон крајот на 1708 година, а студот и гладот ​​помогнале да се шири вирусот, кој се претворил во пандемија која се проширила низ цела Европа во текот на 1709 и 1710 година. Таа година, чумата пристигна од Отоманската империја преку Унгарија.

Но, од сите маки што ја снашле Европа, гладот ​​бил најлош. Последиците од недостигот на храна траеја цела таа и следната година. Уништени се жита, винова лоза, зеленчук, овошје, стада, а поради долгиот мраз не можеше да се засади ништо ново. Состојбата предизвикала цената на житариците да се зголеми за цели шест пати во текот на 1709 година.

Во Франција, кралот Луј XIV организирал дистрибуција на леб и ја обврзал аристократијата да го стори истото. Тој, исто така, се обидел да ги регистрира сите житници за да избегне натрупување, испраќајќи инспектори да се уверат дека се почитуваат правилата. Но, против немилосрдната беда од тоа време, ваквите мерки биле незначителни. Следувало насилство, а гладните луѓе организирано упаѓаа во пекарите и правеле заседа за заплена на жито.

Во Франција, помеѓу 1709 и 1710 година, имало 600.000 повеќе смртни случаи отколку во која било просечна година во тоа време и 200.000 раѓања помалку.

Причина за таквата зима

Оваа зима, која е прогласена за најстудена во последните 500 години и денес ги збунува климатолозите.

Изнесени се различни теории за настанот. Во годините пред 1709 година, бројни вулкани еруптирале низ Европа, еден на Канарските острови, еден во Санторини и планината Везув. Огромните количества прав и пепел во атмосферата го намалиле количеството на сончева светлина што достига до Земјата, 1709 година припаѓа и на периодот познат како Маундеров минимум (1645-1715), кога емисијата на сончева енергија била значително намалена. Дали комбинацијата на овие настани создаде катастрофа таа зима сѐ уште се дебатира.