Мојот личен став и мислам дека тоа е и ставот на Брисел е дека договорот што го постигнавте со Бугарија беше најдобриот договор што можеше да се склучи во тие услови, вели во интервју за МИА амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир.

-Морам да кажам дека ги следев дискусиите кои се одвиваа од октомври 2020 година до јули 2022 година кога се склучи договорот. Ги следев внимателно и тие беа навистина тешки дискусии со многу различни барања, некои од нив беа напуштени, но сепак тоа беше навистина тешка дискусија, рече Гир.

На прашање на МИА дали е остварливо подобра преговарачка рамка и гаранции од Унијата дека Софија нема да стави нови блокади на европскиот пат, Гир вели дека договорот значи компромис, а во компромисот никој не е целосно среќен.

-Договорот ѝ овозможи на државата да ги остави проблемите од минатото зад неа и да се придвижи напред, фокусирајќи се на нештата на коишто навистина треба да се фокусира, како што се различните реформи, кои претставуваат брза лента до Европската Унија. Колку побрзо ги спроведете реформите, толку побрзо ќе станете дел од Европската Унија, оценува Гир.

Во однос на блокади во иднина, тој вели дека не можете да гарантирате дека нема да има блокада во иднина.

-Но,наша задача е да се осигураме дека доколку има блокади во иднина, дека таа се јавува затоа што земјата не направила исчекор околу владеењето на правото, затоа што законодавството за животната средина не било спроведено, затоа што борбата со корупцијата не била доволна. Со други зборува, да не се фокусираме на билатералните прашања, туку на клучните реформи што се потребни за државата да може да стане дел од Европската Унија, тоа е нашата одговорност, кажа Гир за МИА.

Додава дека и министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, кои беа во Скопје во четвртокот, го кажале истото, односно дека на почетокот од процесот на преговори можно е да има прилично изразени билатерални прашања, но со тек на време, вели, како што се движите на вашиот европски пат, тие остануваат зад вас и фокусот е таму каде што треба да биде – на реформите.

Прашан што ќе се случува доколку не се донесат уставните измени, Гир вели дека Унијата нема да исчезне, но, како што кажа, практичните последици од непридвижувањето на уставната промена би биле тоа што патот на земјава кон Европската Унија ќе биде одложен.

Гир вели и дека проширувањето ќе биде приоритет на ЕУ во следните три претседателства со Унијата, односно и во наредните 18 месеци.

Во продолжение следува интервјуто во целост со видео материјал:

Амбасадоре Гир, следната недела се одбележува една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Дали земјава ќе чека повторно 17 години за следниот чекор и отворање на кластерите? 

-Во право сте. Земјата чекаше долго време, предолго. Но минатиот јули беше постигнат договор што и овозможи на земјата да се придвижи напред на европскиот пат, преку отворање на пристапните преговори. Она што се случи веднаш по постигнувањето на договорот беше одржување на Меѓувладина конференција во Брисел, а кратко потоа започна скринингот, она што го викаме следен чекор во процесот, и истиот многу добро напредува. Така, вратата е отворена и патот напред на земјата е чист. Прашањето е во однос на следниот чекор, односно завршувањето на скрининг процесот и потоа втората Меѓувладина конференција, каде би работеле заедно на утврдување на патоказите и реперите за отворање на кластерите, а сето тоа зависи од измените во Уставот што треба да ги направи земјата со цел да се вметнат луѓето кои се самоизјаснуваат како Бугари, во рамките на заштитата што ја овозможува Уставот. Само да објаснам од каде произлегува ова: произлегува од билатералниот договор што Северна Македонија и Бугарија истовремено го постигнаа минатиот јули, што овозможи процесот да се движи напред и, како што кажав, да се овозможи напредување кон Европската Унија.

Процесот на скрининг тече, треба да заврши во ноември, а за да продолжи земјава со отворање на кластерите треба да се направат уставни измени. Во меѓувреме, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја прекина комуникацијата со власта, поради како што тврди, неуважување на нивните барања. Според вас, кој е излезот од оваа ситуација, со цел да се најде компромис за измени во Уставот?

-Ова се две посебни прашања. Прво, прашањето е како земјата да се придвижи напред. Одговорот на ова прашање не се однесува само на уставните измени туку на секој посебен чекор на тој пат, а тоа е можно само преку дијалог. Гледаме дека во земјата има голема поларизација меѓу политичките партии. Речиси сите политички партии јавно кажуваат и повторуваат дека се посветени на патот кон Европската Унија. Сепак, кога се работи за практична соработка, да речеме околу законодавство, со што земјата би напредувала и би било од корист за граѓаните, таа соработка не ја гледаме. Она што треба да се промени е духот на дијалог и духот на соработка меѓу партиите за да се оди напред. Сме го виделе ова во други земји, на пример Хрватска, која се движеше доста брзо на европскиот пат бидејќи иако постоеја големи разлики помеѓу партиите, меѓу владата и опозицијата, тие постигнаа согласност дека ќе работат заеднички на европската реформска агенда. Ова е од суштинско значење и политичкиот консензус претставува клучот за уставните измени и понатамошниот напредок и пристапувањето во Европската Унија.

Во однос на самиот Устав, секако дека ова претставува суверена одлука што треба да ја донесе земјата, и вчера овде беа дојдени тројца министри за надворешни работи – од Австрија, Чешка и Словачка – кои го нагласија истото: дека ова претставува суверена одлука на земјата. Но, сметам дека е важно, кога се гледа на уставните измени и кога истите ќе бидат објавени, бидејќи се уште чекаме на конечниот текст, да има отворена дебата и сите политичари да се однесуваат на одговорен начин и да ги стават интересите на државата на прво место, да го видат текстот и да се уверат што всушност се предлага. Доколку, како што очекуваме, се работи за вметнување на луѓе што се декларираат како Бугари во Уставот, тогаш ќе стане експлицитно она што веќе е имплицитно во самиот Устав и тоа би претставувало понатамошно јакнење на веќе доброто досие на земјата поврзано со меѓуетничките односи. Не гледам дека тоа е спротивно на националниот интерес или закана по идентитетот на оваа земја. Сепак, ова се одлуки што треба да ги донесе самата земја.

Другиот елемент што би го додал на оваа дебата е важноста да се погледне големата геополитичка слика. Министрите вчера се обидуваа да ја прикажат таа слика за да покажат дека она што го гледаме сега во Европа, преку војната на Русија против Украина, претставува нов моментум, нова итност, ново разбирање на заедничкиот интерес од брзо напредување во процесот на проширување со Украина, Молдавија, и секако Западен Балкан. Така, вратата е отворена за земјава да се движи напред, но за да се продолжи со следниот чекор потребни се уставните измени. Доколку тие се направат, тогаш следниот чекор ќе се направи по автоматизам, без можност за вето и дополнителни одлуки.

Што доколку не се донесат уставните измени, што ќе се случува понатаму?

-Прво, што се однесува до ЕУ, Унијата нема да исчезне. Сè уште ќе бидеме тука, сè уште ќе се ангажираме за земјава, сè уште ќе обезбедуваме помош. Посветени сме на европскиот пат на оваа земја и ве сакаме во Европската Унија. Но, практичните последици од непридвижувањето на уставната промена би биле тоа што патот на земјава кон Европската Унија ќе биде одложен. Ова беше поентата на министрите вчера. Тоа е само констатација на факт – патот на земјава ќе биде одложен, а другите земји кои преговараат може да тргнат напред. Повторно, констатација на факт, ние не сакаме да ја видиме таа ситуација, но на крајот, тоа е одлука што треба да ја донесат политичарите овде, според тоа како тие го гледаат националниот интерес и како ја гледаат целта за што поскоро приклучување кон Европската Унија.

Според Вас, дали растот на евроскептицизмот во земјава се должи на големиот број отстапки што се направија во името на ЕУ или пак, можеби на состојбата во самата Унија со оглед на се поголемите поделби и таборизирање на Полска и Унгарија, од една, јужните (должнички држави) од друга и северните делови на Унијата од трета страна?

-Да почнам со самата Европска Унија и кога ги гледате нашите анкети, она што го покажува Евробарометарот во рамките на Европската Унија, скептицизмот за Европската Унија е на најниско ниво веќе многу долго време. Европската Унија се справуваше со сериозни прашања – климатските промени и нивните последици низ Европа како и потребата од реиндустријализација, потребата да се преиспита целата основа на нашите економии за да се справиме со климатските промени. Потоа ја имавме целата криза со Ковид, сега го имаме она што никогаш не ни замислувавме дека е возможно, а тоа е војна во Европа што ја води Русија против Украина. Ова се огромни предизвици, а она што го прави ЕУ е работа преку единство и успева да се соедини за сите овие прашања за да се надминат тешкотиите. Секако дека има разлики, но тоа е природата на едно тело како што е Европската Унија кое се состои од 27 земји-членки, каде што ќе има разлики, а разликите се корисни бидејќи тоа значи дека има подлабока и подетална дебата и се зема предвид поголема перспектива. Така што мислам дека тоа е природно.

А сега да се вратам на Северна Македонија, ме заинтересира неодамнешното истражување според кое во однос на поддршката за европската интеграција гледаме дека бројките се повеќе од 70 проценти. Значи, има постојана желба кај луѓето во земјава да се приклучат на Европската Унија. Мислам дека тоа што има несигурност и повеќе скептицизам е всушност поради долгото одложување, и тогаш граѓаните се прашуваат – па добро, колку време ќе трае ова, дали навистина ќе се случи, што треба да правиме… Секако, останува да работиме заедно со вас, за да покажеме дека навистина патот кон Европската Унија не е толку сложен. Тежок е, потребни се многу реформи, но тие се во интерес и на граѓаните. Но, на крајот на денот, тоа може да се постигне, практично е и остварливо во многу разумен рок доколку постои политичка заложба за се помине низ различните реформски чекори.

Неодамна ја отворите петтата Европска куќа во Велес, по тие во Скопје, Крива Паланка, Струмица и во Битола. Во фокусот се младите, дали ова значи дека ЕУ полека го менува пристапот и се врти директно кон граѓаните?

-Ќе отвориме Куќа на Европа и во Струга и Тетово, се надевам до крајот на годината. Тоа е навистина едно големо проширување на нашата мрежа на Европски куќи. Европските куќи треба пред сè да бидат место каде што младите луѓе се собираат за да разговараат за прашања што се важни за нив, а исто така и за иднината на земјата во Европската унија, иако тие зборуваат и генерално за ЕУ. Само малку не би се согласил со вас бидејќи мислам дека секогаш сме се труделе директно да допреме до граѓаните и тоа е една од најголемите задоволства. Можеби она што најмногу ми се допаѓа во оваа работа е среќавањето на нови луѓе за да слушнам што имаат да кажат. Ние се обидуваме да го направиме тоа низ целата земја, во сите градови и села, со текот на времето, обезбедувајќи ја нашата помош која е многу распространета. Но, ние ги гледаме младите луѓе како навистина важна маса на таленти и како иден потенцијал за земјата. Она што не сакаме да го видиме е овој континуиран тренд на млади луѓе кои ја напуштаат земјата затоа што сметаат, од различни причини, дека не можат да живеат тука. Така, Европските куќи, тоа е нашата посветеност кон младите, која има и други форми, како што е нашата голема програма Еразмус, поддршката што ја даваме за да им помогнеме на младите луѓе кои се соочуваат со невработеност или кои не се доволно квалификувани, преку нашите младински гаранции, итн. Сите тие се дизајнирани за да ги активираат и ангажираат младите луѓе, да ги поттикнат не како граѓани на иднината, туку граѓани на сегашноста и граѓани кои имаат удел во одлучувањето за иднината на оваа земја, и да се надеваме, во одлучувањето како идни граѓани на Европска Унија.

Во дебатата за уставните измени често може да се чуе дека е можна подобра преговарачка рамка и гаранции од самата Унија дека нема да има повторни блокади на европскиот пат од страна на Софија. Што од ова е остварливо?

-Ќе почнам со договорот. Морам да кажам дека ги следев дискусиите кои се одвиваа од октомври 2020 година до јули 2022 година кога се склучи договорот. Ги следев внимателно и тие беа навистина тешки дискусии со многу различни барања, некои од нив беа напуштени, но сепак тоа беше навистина тешка дискусија. Мојот личен став, и мислам дека тоа е и ставот на Брисел, е дека овој договор беше најдобриот договор што можеше да се склучи во тие услови. Ова е компромис, компромис значи дека никој не е целосно среќен. Но, како што кажав на почетокот на интервјуто, договорот ѝ овозможи на државата да ги остави проблемите од минатото зад неа и да се придвижи напред, фокусирајќи се на нештата на коишто навистина треба да се фокусира, како што се различните реформи, кои претставуваат брза лента до Европската Унија. Колку побрзо ги спроведете реформите, толку побрзо ќе станете дел од Европската Унија. Околу второто прашање, за гаранциите, и ова е легитимно прашање кое луѓето често го поставуваат, како може да гарантирате дека нема да има блокада во иднина?

Не можете да гарантирате дека нема да има блокада во иднина, но, наша задача е да се осигураме дека доколку има блокади во иднина, дека таа се јавува затоа што земјата не направила исчекор околу владеењето на правото, затоа што законодавството за животната средина не било спроведено, затоа што борбата со корупцијата не била доволна. Со други зборува, да не се фокусираме на билатералните прашања, туку на клучните реформи што се потребни за државата да може да стане дел од Европската унија, тоа е нашата одговорност. Би додал дека искуството на другите држави, и министрите од Австрија, Чешка и Словачка го кажаа истото вчера, е дека на почетокот од процесот на преговори можно е да има прилично изразени билатерални прашања, но со тек на време, како што се движите на вашиот европски пат, тие остануваат зад вас и фокусот е таму каде што треба да биде – на реформите.

Најавивте Оценска мисија во Судскиот совет, кога се очекува да пристигне, што ќе работи и што со наодите и евентуалните препораки што ќе ги даде ова Мисија? Очекувате ли ова да ги подобри работите и да ги стави реформите во судството на вистински колосек?

-Сите внимателно ги следевме настаните во Судскиот совет минатите месеци. Некои зборуваат многу отворено за ова, ние зборуваме отворено и сме многу загрижени. Која е обврската на Судскиот совет? Обврската на Судскиот совет е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судиите, но некои од настаните во Судскиот совет покажуваат дека Советот не може да го направи тоа. Па, како знак на нашата загриженост, затоа што овој орган е клучен кога станува збор за владеењето на правото, одлучивме да испратиме оценска мисија. Ова буквално значи дека испраќаме луѓе на исти позиции, значи судии, луѓе кои биле дел од судските совети на различни земји членки на ЕУ, да дојдат, да видат каква е ситуацијата, да го разгледаат законодавството за да видат дали има одредени слабости кога станува збор за транспарентност, кривична одговорност, да се сретнат со сите засегнати страни со цел да видат како е спроведено, и потоа да дадат препораки кои би требало да го зајакнат Советот за да си ја врши својата обврска, која, како што кажав, е да ја заштити независноста, интегритетот и професионалноста на судиите. Дали мисијата ќе биде успешна или не, не зависи од неа. Вие може да ја имате најдобрата оценска мисија во светот со одлични препораки, но зависи од политичката волја на Владата, на судиите и на партиите дали на судството ќе му биде дозволено да си ја врши работата.

Шпанија го презеде претседавањето со ЕУ, но проширувањето не е директно наведено во четирите приоритети на Мадрид. Што можеме да очекуваме ние и регионот во целина во следните шест месеци? Ќе има ли раздвижување во процесот на проширувањето?

-Шпанија ги објави приоритетите, објави четири приоритети кои се тематски приоритети, намерно не постави географски приоритети. Тоа се приоритети за многу големи прашања како реиндустријализација на Европа и европско единство. Но, има уште еден документ и заложба, што јас мислам е дури поважен затоа што е многу подолготраен, тоа е договорот помеѓу Шпанија како сегашниот претседавач, Белгија како следниот, и Унгарија после тоа. Овој договор покрива 18 месеци, и во него тие ги наведуваат нивните приоритети. Проширувањето е дел од тие приоритети, и тоа е заложба да се продолжи проширувањето врз основа на заслуги и спроведувањето на реформи. Значи таму е, тоа не е приоритет само за Шпанија, туку за сите три држави што ќе претседаваат во следните 18 месеци.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави план од четири столба за забрзување на евроинтеграцијата на Западен Балкан, којшто го нарече план за раст на регионот. Колку ова ќе ја забрза интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, каков бенефит од ова ќе имаат земјите од регионот?

-Да, тука се работи за неколку работи. Прво, сметам дека Европската комисија внимателно ги слуша своите партнери овде кои велат дека „сакаме да влеземе во Европската Унија, ги согледуваме економските придобивки од членството“. Знаете, за просечниот граѓанин на ЕУ самото членство на единствениот пазар од 450 милиони луѓе изнесува 840 евра годишно. Има и број други придобивки. Значи, она што овде го кажуваат владите и партнерите е дека сакаат да станат дел од тоа, но она што претставува проблем е тоа што процесот е прилично долг и тоа што не ги согледуваат придобивките однапред. Можете да расправате дека како што се приближувате до ЕУ имате директни странски инвестиции, но Комисијата е свесна за тоа и додава дека ако тие земји сакаат да станат дел од ЕУ нивната економија треба значително да се подобри за тие да можат да се натпреваруваат со другите во такво окружување.

На пример, во вашата земја просечниот приход изнесува само 41.5 проценти од тој на 27-те земји членки, а продуктивноста на работниците изнесува околу 16 проценти од просекот на ЕУ. Јасно е дека таму треба да постои некој стимуланс. Идеите на претседателката Ввон дер Лајен кои сè уште се развиваат и дискутираат се со цел да се види дали има области каде би можеле да се предвидат ваков вид на конвергенции, особено во однос на единствениот пазар, за земјата да може да почне да ги чувствува придобивките од членството дури и пред да стане дел од ЕУ. Тука не се работи за „Европа со две или три брзини“, туку идејата е дека ќе станете полноправна членка на ЕУ само доколку го исполнувате тој процес, а тоа би можело да биде она што ние го нарекуваме забрзана интеграција која носи разни придобивки.

Новата методологија на пристапните преговори на Франција имаше за цел да го забрза процесот на пристапување. Дали тоа може да се каже и сега?

-Сметам дека новата методологија придонесува на неколку начини. Се работи за идејата за забрзана интеграција, веќе ви дадов пример за што точно се работи, сè уште е така и тоа е само дел. Но, се обидуваме да го продлабочиме процесот и да го направиме поефективен за да се осигураме дека, како што се приближувате до ЕУ навистина сте подготвени за членство. Важно е да се разбере дека постојат две главни причини зошто е тоа важно. Од гледна точна на ЕУ, не сакаме земја која е неподготвена да влезе во ЕУ, не сакаме да увеземе проблеми или нестабилност. Но, исто така, за вас е еднакво важно да не влезете неподготвени во такво конкурентно опкружување каде би можеле да бидете ослабнати од конкуренцијата, или да не ги добиете придобивките од членство во ЕУ бидејќи не сте биле спремни. Затоа, во интерес на двете страни е да бидете темелно подготвени, а затоа и постои и новата методологија, да помогне да се овозможи тоа.

Проширувањето станува безбедносно прашање. Глобалната безбедност е загрозена од војната во Украина, а во регионот има нови тензии меѓу Белград и Приштина. Може ли оставањето на регионот надвор од ЕУ да предизвика нови политички и безбедносни проблеми на Балканот?

-Порано сметавме дека НАТО се грижи за безбедноста или гарантира безбедност, а ЕУ гарантира просперитет. Иако тоа е сè уште вистина, сега можам да кажам дека ЕУ не гарантира само просперитет, туку и безбедност, стабилност, и се разбира, како и секогаш, демократски вредности. Она што го гледаме овде е сфаќање дека дел од вредноста на процесот на проширување е тоа да гарантира поголема безбедност и стабилност во регионот, што е во интерес на ЕУ. Свесни сме за тоа сега повеќе од било кога претходно, не само поради војната во Украина, туку исто така и поради тоа што ЕУ како двигател во областа на безбедноста и стабилноста, ги зајакна своите алатки и ќе продолжи да го прави тоа и во иднина. Да одговорам на вашето прашање – земјите кои ќе станат дел од ЕУ, оние кои ќе се приближуваат поблиску до ЕУ, ќе уживаат во поголема стабилност и безбедност, како и просперитет и демократија, што сметам дека е нешто кое сите сакаме да го видиме што поскоро.

Неда Димова Прокиќ

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Аслан Вишко