Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан изврши дополнителен притисок врз Европската агенција за лекови (ЕМА) да издаде дозвола за употреба на анти-ковид вакцината на „Фајзер“ и на „БајонТек“ пред католичкиот Божиќ.
– Наша цел е да се одобри употребата на вакцината пред Божиќ, за да можеме да почнеме со вакцинирање оваа година, истакна Шпан.
Притисокот што го прави германскиот министер за здравство врз ЕМА се однесува на вакцината што ја разви германската фармацевтска компанија „БајонТек“ во соработка со американскиот „Фајзер“ и која веќе се дава на граѓаните во Велика Британија, во Канада и во САД.
ЕМА најави состанок на 29 декември во врска со вакцината, а директорката на ЕМА, Емер Кук, рече дека нејзиниот тим работи „без одмор”.
Проблем може да биде и тоа што Европската Унија (ЕУ) планира да се почне со вакцинација во исто време во сите 27 земји-членки, а Германија веќе е подготвена да почне масовна вакцинација на своето население.
Шпан, исто така, изјави дека Германија е подготвена во јануари да вакцинира меѓу три и четири милиони Германци со вакцините на „БајонТек“ и „Фајзер“, 11 милиони во текот на првиот квартал од 2021 година и дури 60 проценти од германските граѓани до крајот на летото.
Во последните 24 часа во Германија се регистрирани нови 14.432 случаи на коронавирусот и 500 смртни случаи.