Руската државна компанија „Газпром“ го запре во средата дотокот на гас преку најголемиот активен гасовод во Европа, со што се зголемува опасноста од раст на инфлацијата и тонење во рецесија на водечките економии на континентот, а најбогатите европски земји ги натера на незапаметени рационализирања на потрошувачката на енергијата.
Снабдувањето со гас преку Северен тек 1 падна на нула кубни метри на час, работата на гасоводот е прекината три дена поради закажаните поправки на компресорската станица „Портоваја“, покажуваат податоците на операторите на мрежата за пренос на гас. Гасот за Германија нема да биде испорачуван меѓу 3 часот по средноевропско време во средата до раните утрински часови во сабота, соопшти „Газпром“.
Протокот на гасот падна на нула во Северен тек 1, кој од Русија преку Балтичкото Море оди во Германија, покажуваат податоците од влезната точка на германската гасна мрежа.
Така, според информациите на операторот на гасоводот „Opal“, кој добива гориво од Северен тек 1, испораките по балтичкиот автопат престанаа од 04:00 часот по московско време, како што соопшти „Газпром“. Помалку моќниот гасовод „Nel“ престана да добива гас уште порано – од 03:00 часот наутро.