Градоначалникот на Општина Чаир и кандидат на ДУИ за нов мандат, Висар Ганиу при денешната посета на Здружението за заштита на животни „Хепи Шелтер” – Скопје најави дека до крајот на оваа година во општината нема да има кучиња бездомници.

 

Ганиу од претседателот на Здружението Кемал Незири бил информиран за бројните акции кои здружението ги презема низ територијата на Чаир. Во оваа прилика беше информиран дека досега од повеќе локации во Општина Чаир се собрани близу 23 проценти од кучињата бездомници, односно од секаде каде што доаѓаат известувања на граѓаните за присуство на кучиња бездомници.

Ганиу рече дека неговата заложба за нула кучиња бездомници во Чаир се реализира, и според прогнозите до крајот на оваа година во оваа општина нема да има кучиња бездомници. Појасни дека и на средбите што ги имал со жителите од населбите ја поздравиле акцијата Нула кучиња бездомници во Чаир.

– Со многу брза динамика се врши собирањето на кучињата бездомници во општина Чаир од страна на екипите на здружението „Хепи Шелтер”. Точно пред еден месец го потпишавме меморандумот и денес имаме близу 23 отсто помалку кучиња бездомници во нашата општина. Ова е многу позитивна динамика и според прогнозите очекуваме до крајот на годината во нашата општина да нема кучиња бездомници, истакна Ганиу.

Тој, како што посочуваат од прес-службата на Општина Чаир, им се заблагодарил на претставниците на „Хепи Шелтер” кои со посветеност ги спроведуваат акциите за собирање кучиња и на граѓаните за соработката.

Општина Чаир и Здружението „Хепи Шелтер” ја разгледуваат и можноста за проширување на капацитетот на центарот за собирање кучиња и со тоа зголемување на динамиката на акцијата за собирање.

Ганиу апелираше до граѓаните да ги информираат општинските власти за присуството на кучиња бездомници на електронската пошта на општината или преку порака директно на социјалните мрежи. „Ние сме во целосна служба на граѓаните на Чаир”.

По потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу општина Чаир и Здружението за заштита на животни „Хепи Шелтер” Скопје, значително е намален бројот на кучињата бездомници во Чаир. Општина Чаир стана прва во земјава која по ваков модел го решава проблемот со кучињата бездомници. Со меморандумот се предвидува да се врши собирање, евидентирање и вакцинирање на кучињата бездомници од експертите на здружението „ Хепи Шелтер”. Собраните кучиња ги имаат потребните услови да престојуваат во центарот и подоцна да бидат посвоени од лица, главно во странство.