Според она што го пишуваат медиумите во Италија, играчите на Интер ќе се откажат од своите бонуси за да му помогнат на тимот во тешките денови на пандемијата на коронавирусот.

Како и секој друг европски клуб, Интер ги трпи ефектите од КОВИД пандемијата, со празни стадиони и помали приходи од трансфери.

Уште во ноември, извршниот директор Бепе Марота откри дека играчите се согласиле да ја одложат исплатата на платите за јули и август „за да му помогнат на клубот во оваа критична фаза за фудбалот“.

Сега, наводно, тие одлучиле да не ги земаат премиите што им беа ветени во случај на освојување на Скудетото.

Со оглед на тоа што имаат 13 бода повеќе од Атаалнта, ги имаат сите шанси овој тим да стане нов шампион на Италија, а тоа може да се случи веќе викендот. На „нероазурите“ им треба победа над Кротоне во саботата, но и пораз на Аталанта од Сасуоло.

Тоа би било нивно прво Скудето од 2010 година, кога ги освоија и Серија А и Купот и Лигата на шампионите под водство на Жозе Мурињо.