Франција се подготвува за уште еден масовен штрајк утре против пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон, откако синдикатите едногласно објавија дека ќе ја „парализираат“ земјата со штрајкови и разни други демонстрации.
– Ги повикувам сите вработени во државата, граѓаните, пензионерите, масовно да одговорат на повикот за протести во вторник. Претседателот на Републиката не може да остане глув, изјави генералниот секретар на реформистичкиот синдикат ЦФДТ, Лоран Бергер.
Ова е шести пат од 19 јануари луѓето масовно да излезат на протести против предложената пензиска реформа, чија цел е поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години и продолжување на времето за плаќање на придонесите потребни за добивање целосна пензија.
Огромното мнозинство Французи се „непријателски“ расположени кон оваа реформа бидејќи ја сметаат за „неправедна“, особено кон работниците на тешки работни места.
Владата тврди дека промените се неопходни за францускиот пензиски систем да излезе од дефицит до 2030 година.
Веќе со недели синдикатите вршат притисок и ги предупредуваат Французите да се подготват да живеат 24 часа на ден во земја во која сè ќе „запре“.
Наставниците, машиновозачите, работниците во енергетскиот сектор, индустриските работници и многу други се очекува да се приклучат на утрешниот штрајк.
Исто така, за разлика од претходните штрајкови, главните конфедерации на француските синдикати, вклучувајќи ги CFD и CGT, најавија „продолжени штрајкови“, што значи дека по завршувањето на секој штрајк, работниците ќе гласаат дали да продолжат индустриските активности.
Без одреден датум кога би можеле да завршат штрајковите, синдикатите веруваат дека нивната акција има потенцијал да го наруши секојдневниот живот и да ја загрози економијата толку многу што владата нема да има друг избор освен да попушти.
Синдикатите веруваат дека повеќе луѓе ќе протестираат утре отколку на 31 јануари, кога според полицијата на улица излегле 1,27 милиони луѓе, а според синдикатите 2,5 милиони.
Железничките и метро услугите во Париз утре ќе бидат прекинати бидејќи работниците на француските железници (SNCF) и париското метро (RATP) се приклучуваат на штрајкот.
Владата ги повика вработените да се префрлат на работа од дома.
Според Владата, реформата на пензискиот систем би донела дополнителни 17,7 милијарди евра пензиски придонеси годишно, а синдикатите одговараат дека има и други начини за зголемување на приходите, како што е оданочувањето на супербогатите.
Жестоката расправа во Парламентот за предлог-законот заврши на крајот на февруари без расправа за контроверзниот член 7 за зголемување на старосната граница за пензионирање. Предлогот сега се разгледува во Сенатот.
Во меѓувреме, Макрон повикува на „здрав разум“. Тој признава дека „никој не сака да работи подолго, но имајќи предвид дека живееме подолго, мора да работиме подолго ако сакаме да го зачуваме системот на меѓугенерациска солидарност“.