Франција верува дека може да го реши спорот со шампањот со Русија преку дијалог, но доколку е потребно ќе контактира со Светската трговска организација (СТО), изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан.

Ле Дријан кажа дека во следните денови Париз ќе се обиде да најде решение во соработка со руските власти на билатерално, но и на европско ниво, со цел да се заштитат интересите на француските производители и заштитени брендови со географско потекло.

-Доколку се утврдат повремени прекршувања на правилата на Светската трговска организација, секако дека ќе постапиме како што планиравме и претходно кога станува збор за Русија. Се надевам дека дијалогот ќе овозможи овој спор да се реши, рече министерот во парламентот.

Рускиот закон, потпишан во петокот, воведува обврска дистрибутерите на шампањ да наведат на етикетата на задниот дел од шишето дека станува збор за „пенливо вино“, додека називот “champanskoïe” е резервиран за руските производители на пенливо вино.

Одлуката предизвика незадоволство кај француските производители на шампањ, кои поднесоа жалби до француското Министерство за надворешни работи и Европската унија.

-Тој закон ја следи логиката на протекционистичките мерки на Русија во винскиот сектор, рече Ле Дријан, додавајќи дека тие веќе се обратиле до СТО во врска со прашањето на заштитените географски брендови.

Русија е 15-от извозен пазар за шампањ, на кој се продаваат околу два милиона шишиња од вкупно 150-те милиони што секоја година во просек се продаваат надвор од Франција.