Поверојатно е посетителите кои овој месец престојуваат во замокот на Дракула во Романија да пронајдат траги од убод на раката отколку на вратот, откако здравствените власти отвориле центар за вакцинација против ковид-19 во оваа туристичка атракција.

На туристите кои сакаат да престојуваат во замокот Бран од 14-тиот век, на влашкиот војвода Влад Тепеш, кој му послужил како инспирација на Брем Стокер за романот „Дракула“, медицинскиот персонал со залепени вампирски заби ќе им понуди бесплатни вакцини на „Фајзер“ против ковид-19, пренесува Ројтерс.

Фото: Википедија.мк

Управата на замокот се надева дека со услугата ќе привлече повеќе луѓе на оваа туристичка дестинација во Трансилванија, во околината на градот Брашов, откако бројот на посети нагло опаднал од почетокот на пандемијата.

На бесплатната вакцинација во замокот на Дракула ќе може да се оди без закажување во текот на секој викенд во мај, а посетителите исто така добиваат и бесплатен влез за изложбата со 52 средновековни инструменти за мачење.

Романската влада си поставила цел да вакцинира 10 милиони граѓани до септември, но истражувањето кое во април го објавила организацијата „Глобсек”“покажало дека Романците се најмалку заинтересирани за имунизација од сите источни членки на ЕУ.