Утре точно напладне се организира протестен собир во Кавадарци за да се оддаде почит нa Фросина Кулакова од Неготино, која беше прегазена додека поминуваше пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје.
Граѓаните во голем број веќе се организираат на социјалните мрежи.
За утре во 17 часот, пак, е најавен голем собир и во Скопје.
„Ве известуваме дека на ден недела, 02.02.2025, во 17:00 часот ќе се одржи протест на булевар Партизански Одреди, кај Универзална сала. Случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи. Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт.
Системот ги отфрла децата и младите кои поради недоволна грижа го избираат погрешниот пат. Институциите не се координирани и тоа доведува до млади кои не ја добиваат потребната поддршка за да бидат активни чинители во општеството. Тој недостиг на поддршка резултира до сѐ почести фатални последици.
Протестот има за цел да адресира три главни проблеми:
1. Нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот
2. Недоволна безбедност во градовите
3. Глорификација на девијантно однесување
Алките во системот за работа со деца и млади во судир со законот не функционираат.
Институциите не настапуваат координирано за идентификување на едата и младите во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството. Дополнително, урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност.
Неопходно е градовите да можат да гарантираат безбедни услови за живот. За крај, од
исклучителна важност е да се поттикне јавната свест кон гласно осудување на глорификацијата на девијантното однесување. Круцијално е да се информираат граѓаните за последиците од возвишувањето на неказнивоста и заобиколувањето на правилата“, стои во најавата од иницијативата #КојЕСледен?
22-годишната девојка пред три дена беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Стотици граѓаните и вчера на мирен собир запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина, а потоа маршираа до скопскиот кривичен суд каде со извалкани раце од црвена боја извикуваа „Убијци!“.
Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди.
Текстот (Фото) Утре масовни протести за смртта на Фросина, точно напладне во Кавадарци, во 17 часот пред Универзална во Скопје е превземен од МАКФАКС.