Денеска на автопатот Петровец – Скопје, кај клучката Кадино, во организација на Министерството за внатрешни работи беше изведена голема симулациска вежба со подготвено сценарио за прикажување на одговор на настаната ситуација од сообраќајна несреќа. Беше прикажана сообраќајна несреќа помеѓу комбе, во кое се превезуваат мигранти, и патнички автобус, а во која има поголем број на повредени лица и жртви.

Целта на вежбата беше да се проверат капацитетите, можностите и подготвеноста на припадниците на институциите како Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Бригадата за противпожарна заштита при град Скопје, Службата за итна медицинска помош и Црвениот крст, во еден координиран пристап за одговор при вакви и слични состојби и декларирање на нови можности за унапредување на меѓуресорската и меѓуинституционалната соработка на сите релевантни чинители.

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев го истакна своето задоволство што полицијата и сите други институции одговорија професионлно и правилно на сценариото кое за нив било реалност бидејќи сите тимови кои одговараа на лице место мислеле дека одговараат на вистински настан.

„Морам да изразам задоволство за одговорот на полицијата, каде што практично за неполни 7 минути бевме први на лице место. Затворањето и регулирањето на сообраќајот и првата помош се случија за околу 14 минути што реално е добар одговор, и истото се однесува и на Противпожарната бригата и Црвениот крст. Во принцип сите институции одговорија добро на вежбата, на сценариото кое беше реално. Тимовите кои одговараа на лице место практично не знаеја дека одговараат на замислена вежба туку на реално и вистински настан. После вежбата ќе имаме сите институции заедничка анализа на резултатите и ќе понудиме системски подобрувања онаму кадешто е потребно. Планираме и во иднина низ вакви симулациски и практични вежби да се подигне севкупната подготвеност на институциите во системот со цел зголемување на безбедноста на граѓаните бидејќи навремените и правилни реакции од сите вклучени во системот значи намалување на штети и спасување на животи во вакви ситуации. Полицијата и за добро и за лошо секогаш е прва на лице место на настанот и ќе продолжиме да работиме, да се унапредуваме со цел да ги штитиме граѓаните и нивната безбедност.“, потенцираше директорот Јанев.

Вежбата започна со движење на комби кое превезува десетина мигранти по надвозникот кај клучката Кадино, кое е следено од полициско возило и кое не застанува на дадените сигнали. Тоа со цел да и избега на полициската патрола, ја зголемува брзината на движење и се движи по обратната насока кон патарината Петровец, каде наидува патнички автобус и предизвикува директен судар со автобусот, при што има поголем број на повредени и жртви.

Во текот на вежбата, припадниците на Противпожарната бригада го гаснеа пожарот предизвикан од судирот и со сечење на одредени делови на возилата извлекуваа повредени лица. На лице место од страна на Итната медицинска помош и Црвениот крст се укажуваше помош на повредените лица на лице место – тријажа и транспортирање со хеликоптер и амбулантни возила до болничките установи. Припадниците на МВР го обезбедуваа местото на настанот, го пренасочуваа сообраќајот, преземаа мерки за обезбедување на сите лица во сообраќајната несреќа, утврдуваа идентитет, како и фаќање на криумчарите на мигранти, а најтешките пациенти беа пренесувани со хеликоптер за медицински транспорт на МВР. Медицинските установи со своите капацитети и расположливи средства и човечки ресурси укажуваа медицинска помош на повредените.

Вежбата се одвиваше на повеќе локации како Центарот за известување и координација на МВР, болниците, Итната медицинска помош и Бригадата за противпожарна заштита.

Ваквите активности треба да придонесат во унапредување на координацијата на институциите при одговор и решавање на кризни ситуации од поголем обем, со цел градење квалитетен систем на менаџирање со кризи кој ќе го штити животот и имотот на граѓаните.

 

Текстот (Фото) Симулациска вежба за проверка на функционалноста на системот за безбедност е превземен од МАКФАКС.