
Прес-конференцијата на Богданка Кузеска, на која посочила дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, употребува македонски јазик, култура и идентитет, ВМРО-ДПМНЕ ја оценува како „големо признание“ за актуелната Влада.
„Со оглед на фактот што доаѓа од партијата позната по тоа што кога беше на власт ги брусеше капаците од шахтите затоа што имале сонце, ја разбираме единствено како големо признание на оваа Влада“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на денешната прес-конференција на СДСМ.
Од партијата наведуваат дека според нив, политиката се променила од периодот кога, како што тврдат, тогашниот премиер Зоран Заев ги „корегирал и казнувал“ оние кои не ја употребувале придавката „Северна“.
„Дојдовме до ситуација европските челници да ја прифатат придавката македонски и да се јакне македонскиот идентитет“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ до Кузеска: Од Заев и „Северна“ до прифаќање на македонскиот идентитет е превземен од МАКФАКС.























