Со двата гола против Република Ирска во квалификациите за СП, Кристијано Роналдо стана најдобар стрелец во историјата на националниот фудбал, со што влезе во Гинисовата книга на рекорди.

Португалецот објави слика на својот профил на Инстаграм каде го држи сертификатот што му беше врачен по повод соборување на споменатиот рекорд.

„Секогаш е добро да те признаат како светски рекордер. Ајде да се обидеме да ги поставиме бројките уште повисоко “, напиша Роналдо под сликата.

Да потсетиме, Кристијано стигна до бројката од 111 гол за репрезентацијата против Ирска во периодот од 2003 до 2021 година, со што на вечната листа го надмина Иранчанецот Али Даеи, кој постигна 109 гола за својата селекција.