Сè што е во врска со овој модел, ако воопшто некогаш и постоел, 40 години се криело од јавноста, па денес нема ниту трага од четирите автомобили, колку што, наводно, се направени. Но, тоа не е сè…

Крагуевската „Црвена застава“, наводно, кон крајот на 1970-тите и почетокот 1980-тите години, тајно работела на неколку прототипови на автомобили кои никогаш не влегле во производство. А, можеби и не…

Феноменалното спортско купе Застава 5700 Исо, чии фотографии неодамна се појавија на Твитер и привлекоа големо внимание, наводно е произведено во само четири примероци, пишува српски „Телеграф“.

Тој прототип за погон користел голем V8 мотор со запремнина од 5,7-литри со 400 коњски сили. Моќниот агрегат можел да го протера елегантното купе до максимална брзина од 290 километри на час.

Проектот изгледа бил толку мистериозен што дури и денес, 40 години подоцна, нема ниту трага од четирите автомобили кои наводно биле направени, а се чини дека не постои ниту официјална документација.