Тие се главни и најбарани манекенки. Но, која е број еден? Само една може да биде најмногу платена…

За да се успее во светот на модата, потребен е изглед каков што бара модната индустрија, но и малку среќа. А, да се биде на листата најплатени манекенки е сон на многу девојки. Некогаш тоа беа Наоми Кемпбел, Линда Еванџелиста, Синди Крафорд, потоа Адријана Лима, Жизел Бундшен и други. Денес има промена на врвот од листата. Бела Хадид (со заработка од 8,5 милиони долари) и Џиџи Хадид (9,5 милиони долари) се во првите 10 најплатени, но не се во првите пет. Ниту Кара Делавињ која со заработка од 10 милиони долари се најде на шестото место.

5.Жизел Бундшен (10,2 милиони долари)

Иако има веќе 40 години, таа е една од најбараните манекенки. Уште од 2001 година важи за една од најплатените манекенки, а повеќепати се најде на листата најбогати жени во шоубизнисот. Магазинот „Вог“ ѝ оддаде признание за почеток на нова ера во манекенството кога во 1999 година се појави со својата раскошна убавина, наспроти дотогашните „испиени“ и бледи манекенки. Од 1999 до 2007 година беше дел од ангелите на „Викторијас сикрет“, потпишувајќи еден од најскапите договори со компанијата. Поборник е за здрава вегетаријанска исхрана. Во брак е со спортистот Том Брејди, со кого има две деца.

4.Рози Вајтли (11,5 милиони долари)

Британската манекенка важи за една од најатрактивните жени во светот. Ужива во природниот изглед, заговорник е за минимализмот, а како трендсетерка нагласува дека убавината е во едноставноста. Оваа 34-годишна манекенка од светот на модата влезе во актерските води, а од 2010 година е во врска со Џејсон Статам, со кого во 2017 година добија син.

3.Криси Тајген (11,5 милиони долари)

Триесет и петгодишната манекенка воедно и телевизиска личност, авторка и бизнисменка првпат се појави како модел на насловните страници од „Спортс илустрејтед“, а потоа почна да работи на телевизиски емисии. Во 2016 година објави книга со рецепти, која се најде на листата бестселери од „Њујорк тајмс“ и беше втора најпродавана книга со рецепти таа година. Со музичарот Џон Леџенд се венчаа по шест години врска, а се запознаа на снимање спот за негова песна. Тие се родители на син и ќерка.

2.Карли Клос (13 милиони долари)

Американската манекенка што францускиот „Вог“ во 2000 година ја прогласи за една од 30-те топ-модели, имаше само 17 години. До 2019 година се појави на 40 насловни страници од „Вог“ низ светот. Амбасадор е на многу брендови, а се појавува и како водителка на ријалити програми поврзани со модата. Во март оваа година го доби првото дете со сопругот Џошуа Кушнер, чиј брат е оженет со Иванка Трамп.

1.Кендал Џенер (22 милиони долари)

Американската манекенка и ријалити личност, кариерата ја започна во рекламни кампањи, а голем успех доживеа во 2015 и 2016 година одејќи на пистите за големите модни дизајнери во Њујорк, Париз и во Милано. Кендал во 2015 година се најде на 16-то место од Форбсовата листа најбогати манекенки, со заработка од 4 милиони долари годишно, а во 2017 година беше 15-та најследена личност на Инстаграм. За нејзиниот успех, побарувачка и огромна заработка, секако придонесува фактот дека е дел од кланот Кардашијан. Во моментов на Инстаграм има неверојатни 160 милиони следбеници.