Десет лица се повредени, од кои едно е во критична состојба, додека 26 се водат како исчезнати откако свлечиште во јужниот дел на Норвешка однесе повеќе од десет згради во раните утрински часови. Свлечиштето го погоди станбениот дел на општината Jeрдрум, на околу 30 километри северно од Осло.
– Исчезнатите лица се од областа што е најпогодена од лизгањето на земјиштето, но сè уште не е јасно дали се заробени во своите домови, дали успеале на време да избегаат или да се евакуираат, соопшти полицијата.
Началникот на полицијата рече дека областа е сè уште нестабилна и дека може да се пристапи само со хеликоптер, а градоначалникот посочи дека околу 500 лица се евакуирани.
– Ова требаше да биде мирен новогодишен викенд во кој луѓето требаше да се најмногу загрижени поради ковид-19, а не за исчезнатите во свлечиштето, изјави норвешката премиерка Ерна Солберг за ТВ2.