Третата вечер на 22-то издание на „Гитар арт фестивал“ ја одбележа македонскиот гитарист, композитор и пејач Влатко Стефановски, на извонредниот концерт што го одржа во четвртокот во големата сала на Домот за млади во Белград пред речиси хипнотизираната публика.

На македонскиот виртуоз на сцената како гостин му се придружил Вукашин Марковиќ, кој извел популарни гитарски нумери во специјални аранжмани.

Се надевам дека вие не сте виртуелна публика и дека јас не сум виртуелен изведувач. Тука сме, присутни сме, заедно сме, и тоа е нешто навистина фантастично и незаменливо, ѝ се обратил Стефановски на воодушевената публика.

Познатиот маестро, првите неколку нумери ги посветил на македонскиот фолклор, кој ја вклучува и композицијата, познатата традиционална – „Македонско девојче“, што се наоѓа и на неговиот нов студиски албум „Тафталиџе шафл“ (2020), создаден за време на пандемијата.

Стефановски, од 1998 година соработува со гитаристот Мирослав Тадиќ, а на публиката на „Гитар арт фестивал“, чиј редовен учесник е, ѝ е познат и по големиот гитарски проект „Кингс оф стрингс“.