Фондот за здравство од понеделникот е под сајбер напад и хакерскиот упад во системот значи дека не можат да се издадат боледувања и други важни решенија за граѓаните. Од ФЗОРСМ дури по три дена потврдија дека ова е причината поради која има технички проблем и не функционира дел од серверите.
Во моментов пациентите што немаат матичен лекар не може да изберат нов, а оние што имаат потреба од боледување повеќе од 15 дена не може да добијат документ за да го оправдаат отсуството од работа. Избраните матични лекари во согласност со договорите со ФЗОМ до 10 од месецот да ги достават фактурите, а тоа не може да го направат.
Експертски тим работи 24/7 на справување со нефункционалноста на ИТ системите.
-Приоритет се дава на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, а ФЗОРСМ веќе има издадени упатства кон подрачните служби за решенија со кои граѓаните тековно ќе ги остваруваат своите права. Во интерес на прецизно информирање на граѓаните, во најбрз можен рок, и штом се утврдат повеќе информации, јавноста ќе биде навремено известена, наведуваат од ФЗОРСМ.
Од оваа институција не кажуваат дали листата со лични податоци на стотици илјади осигуреници завршила во рацете на хакерите, како и тоа дали се загрозени.
Од Фондот уверуваат дека пациентите ќе можат и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники како и преку матичните лекари кои можат да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти кои се подигнуваат во аптеките без застој.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.