Во вториот квартал од 2022, БДП се зголеми за 2.8 отсто на годишна основа. Овој раст е сличен на динамиката од 2021 година, но е под очекуваниот, остварен е во услови на нагласена неизвесност која произлегува од руско-украинскиот конфликт, како и во услови на забрзан раст на цените. Со оваа состојба е сврзан нискиот раст во преработувачката индустрија (1.5 отсто), како и продолжената стагнација кај градежништвото (0.2 проценти), стои во анализата на „Фајнанс тинк” (Finance Think).
Од друга страна, како што посочуваат, пост-пандемиската консолидација продолжи со солидна динамика од 8.1 отсто кај трговијата, транспортот и хотелиерството.
-Извозот и увозот ја задржаа својата динамика од почетокот на годината, 14.7 отсто и 25.2 проценти, соодветно, додека бруто инвестициите бележат изненадувачки висок раст (46.5 отсто), но тој е веројатно сврзан со акумулацијата на залихи во пресрет на растечките неизвесности на глобалната сцена, велат од макроекономскиот монитор на организацијата „Фајнанс тинк”.
Стабилниот пазар на труд и растот на платите, како што посочуваат, ја поддржаа приватната потрошувачка, иако со благо забавен раст (4 отсто), додека јавната потрошувачка бележи силен пад од 7.2 проценти, што е во линија со несразмерната реализација на буџетскиот дефицит (една четвртина за половина година).
-Невработеноста во вториот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14.5 отсто од претходните 14.8 проценти (К1-2022). Благо подобрување бележи и вработеноста, од 47.1 отсто на 47.3 проценти, но нема особени знаци на значајно реактивирање на работоспособното население кое се пасивизираше во текот на пендемијата, се наведува во анализата.
Според „Фајнанс тинк” во вториот квартал од 2022, инфлацијата се искачи на 12.3 отсто на годишна основа. Овој раст на цените, како што додаваат, е скоро во целост движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување, транспорт и ресторанско-хотелски услуги.
-Неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022 ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија од почетокот на идната година. И покрај намалувањето на цените на храната на глобалните пазари од јуни 2022, понатамошното зголемување на цените на енергентите укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со претходните очекувања. Оттука, Finance Think надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2.1 отсто (од претходните 2.8 отсто), додека проекцијата за годишната стапка на инфлација нагорно на 12.2 проценти (од претходните 9.7 проценти), се вели во анализата на „Фајнанс тинк”.