Министерот за правда, Игор Филков, ја разреши од членство во работна група за измени на Кривичниот законик судијката Даниела Алаксовска- Стојановска од која на протестите за смртно прегазената Фросина Кулакова семејството и јавноста побараа одговорност оти го спасила од затворска казна за претходни дела.

„Денес се обраќам пред македонската јавност не само како министер за правда туку како граѓанин и родител, ги повикувам судовите во сите инстанци и Судскиот совет да преземат дејствија со кои ќе се преиспита целиот случај со прерано загинатата Фросина. Ве информирам дека денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда, судијката чие име ја бранува јавноста. Судијката беше дел од работната група која беше формирана во декември 2020 година за измена на Кривичниот законик и беше дел од оптимизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик со кои што очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот кој што е започнат за потребните суштински реформи во правосудството. Загриженоста ја упатувам затоа што сметам дека е крајно време надлежните институции да покажат дека се подготвени да преземат мерки со цел лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност. Одговорност мора да се утврди и тука нема компромиси. Граѓаните очекуваат правда а институциите се тука да испорачаат брзо, правично и транспарентно“ рече министерот Филков.

Овој случај, според него, е само потврда на податоците за оценка на работата на судовите кои беа презентирани пред само некој ден.

„Токму брзината на постапувањето и корумпираноста беа детектирани како најголем проблем на судството, со најниска оценка. Непостапувањето и спороста отвора можност утре да имаме исти или слични случаи“, вели министерот Филков.

Тој апелираше до сите политички чинители во државата да не се обидуваат овој несреќен случај да го злоупотребуваат за дневно- политички цели и нагласи дека правосудниот систем мора да се менува од корен, однадвор, но и одвнатре и најави дека нема да дозволи неказнивост и недопирливост.