Филипини ќе пушти илјадници нивни медицински сестри за да добијат работа во Велика Британија и Германија, ако двете земји им донираат вакцини против коронавирус, изјавил денеска висок официјален претставник.

Британското Министерство за здравство соопшти дека не е заинтересирано за ваков аранжман и дека приоритет е да се обезбедат вакцини за сопствените граѓани, но дека ќе го сподели евентуалниот вишок со други.

Филипини, една од азиските земји најпогодени од ковид-19, ја ублажиле забраната здравствените работници да заминуваат во странство, но ограничувањето од 5.000 годишно сè уште е на сила.

Алис Висперас, директорка во Министерството за труд, изјавила дека владата е подготвена да ја укине забраната во замена за вакцини од Велика Британија и Германија.

Медицинските сестри се меѓу милионите Филипинци кои работат во други земји и донесуваат 30 милијарди долари секоја година ,клучни за националната економија.

Британија е петта во светот според бројот на смртни случаи од коронавирус, а Германија е десетта по бројот на заразени.

И додека двете земји досега вакцинирале 23 милиони луѓе, Филипините сè уште не започнале да ги вакцинираат 70 милиони возрасни лица, или две третини од 108 милиони жители. Првите дози се очекуваат оваа недела од Кина.

Германија сè уште не одговорила на понудата на Филипините.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.