По деталната анализа на буџетот, може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на платите во ниеден сектор. Нема да ги почитува обврските од општиот колкетивен договор, нема да има повисоки плати за просветните работници, за здравствените работници, Полицијата, Армијата, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
-Не е предвидено ни барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра и се доведуваат во прашање колективните договори. Ова е директен напад на правата на вработените и нивно понижување. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ ја суспендира политиката на континуирано зголемување на платите.
Преку покачување на платите, СДСМ седум години го јакнеше стандардот на граѓаните и ги поддржуваше за време на економските кризи со дополнителни мерки во висина од 1,3 милијарди евра.
СДСМ останува целосно на страна на работниците и им дава поддршка на синдикатите во битка за остварување на своите права.
Во Собранието остро ќе се спротиставиме на оваа политика и понижувачкиот буџет. Овој буџет, според сите независни експертски анализи, нема да донесе зголемена продуктивност и повисок раст, а ќе донесе огромни задолжувања додека платите на работниците нема да се покачуваат.
Овие катастрофални економски политики уште во првиот месец од мандатот ќе го намалат животниот стандард на граѓаните и ќе донесат економска неизвесност, наведува претседателот на СДСМ, Венко Филипче.