„Оваа пациентка која сега се трансплантираше беше на првото место на листата на трансплантација и претходниот период, меѓутоа се исплаши и одби“, изјави вечерва министерот за здравство, Венко Филипче за третата трансплантација на срце во историјата на нашата држава.

Според него, сега кога се понудила повторна шанса за да добие срце, пациентката била повторно контактирана и овој пат прифатила.

Кажа дека не можела да си прости што претходниот пат одбила трансплантација. Сепак, станува збор за пациенти без друга опција, на кои трансплантацијата им е единствен пат, за да го продолжат животот. Тие дури не се кандидати за механички срца, додаде Филипче.

Операцијата беше извршена врз 39 годишна жена, со вродена срцева маана, кoја подолго време чекаше донор. Тешката операција трaеше 5 часа.

Жената донор на срце и бубрези, која спаси три човечки животи била мајка на десет месечно девојче кое долго го очекувала.

Освен срцето, беа пресадени и бубрези од донорот и тоа кај 44-годишен маж кој беше на хемодијализа и кај 30-годишна жена која беше на перитонеална дијализа. Двајцата пациенти на кои завчера им беа трансплантирани бубрези од починат донор се чуствуваат добро.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.