Европската унија треба да инвестира дополнителни 620 милијарди евра (675 милијарди долари) годишно за да ја приспособи економијата на блокот за климатските промени, соопшти денеска Европската комисија.

Поголемиот дел од трошоците треба да доаѓаат од приватни фондови, но јавните пари „за поризични пробивни проекти за одржливост“ можат да го предводат патот, рече на прес-конференција потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ.

ЕУ сака да стане јаглеродно неутрална до 2050 година и да го оддалечи економскиот раст од ресурсите како фосилните горива во стратегијата наречена Зелен договор на ЕУ.

За да се постигне ова, Комисијата ги пресмета дополнителните инвестиции што треба да се направат како додаток на 578 милијарди евра од буџетот на ЕУ што треба да се потрошат за периодот од 2021 до 2027 година.

Потребно е и финансирање од приватниот сектор за да се обезбедат долгорочните енергетски потреби на блокот и да се стави крај на долгогодишната зависност од руските фосилни горива, нагласи Комисијата.

Извршната власт на ЕУ предвидува проширена улога на Европската инвестициска банка да инвестира во критични технологии како што е производството на обновливи извори на енергија и да поттикнува повеќе трошења во приватниот сектор.

Реформата на финансиските пазари на блокот и олеснувањето на инвестициите во ризичен капитал треба да бидат приоритет за да се развие потребното приватно финансирање, додаде комисијата.