Шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, се огласи попладнево во име на сите 27 земји членки на Унијата со остра осуда за затворската казна изречена против Алексеј Навални.

-Европската Унија ја осудува одлуката на руските власти да го казнат господинот Навални и смета дека ова е неприфатливо колку што е и политички мотивирано, и е спротивно на обврските на Русија кон меѓународните и човековите права, порача Борел преку писмено соопштение.

Опозиционерот Алексеј Навални вчера беше осуден на две години и осум месеци затворска казна, неколку недели откако побегна од Русија за Германија на лекување, откако беше отруен со хемиски агенс.

Европската Унија бара веднаш и безусловно ослободување на Алексеј Навални и на сите други осудени опозиционери на режимот на Владимир Путин кои беа уапсени затоа што протестираа на улица.

-Овие настани потврдуваат дека се стеснува просторот за опозицијата, граѓанското општество и независните гласови во Руската Федерација, смета ЕУ.

Прашањето е ставено на дневниот ред на министрите за надворешни работи на ЕУ кој ќе се одржи за неколку дена и на кој ќе се разговара за санкции против Москва. (МИА)